Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ пристигнуваат во зградата на Европскиот Совет попладнево за самитот на кој треба да се одлучува за идниот повеќегодишен буџет на Европската Унија по Брегзит.

Не е исклучено да не биде постигнат договор, а службите во Европскиот Совет се подготвуваат за самит кој може да трае повеќе од редовните планирани два дена.

-Нашиот пристап е да ги приближиме ставовите, последните чекори до компромис се најтешките, и има загриженост, но сигурен сум дека е можен напредок во наредните часови или денови, сѐ е на маса за да се донесе одлука, изјави пред малку претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, домаќин на самитот.

Лидерите на земјите членки треба да постигнат договор за финансиската рамка на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година, но без учество на Обединетото Кралство кое истапи од Унијата пред помалку од еден месец.

Голем број одлуки на ЕУ ќе зависат од способноста да се постигне задоволителен компромис на овој самит, или евентуално на некој следен во наредните месеци доколку денес тоа не биде возможно. Одлуките за проширувањето на ЕУ несомнено ќе бидат под влијание на финансиското досие.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, повеќе пати во последните месеци ја употреби метафората со лебот и путерот одговарајќи на прашањето за проширувањето.

-Сакаме сѐ поголем леб со сѐ помалку путер, но на крајот веќе не чувствуваме путерот, изјави Макрон повторно пред неколку недели алудирајќи на отпорот на одредени земји членки да го зголемат буџетот на Унијата. Тој додаде дека најчесто токму тие земји се залагаат за брзо проширување на ЕУ.

Конкретно, претседателот на Европскиот Совет, кој треба да помогне да се изгради компромисот, во своите нацрт предлози сугерира буџетот од 1,074 отсто од годишниот БДП на ЕУ, со што се надева да ги задоволи двата табора.

Едниот табор се залага за што помал буџет, идеално под еден процент, во овој табор се наоѓаат главно скандинавските земји, Германија, Австрија и Холандија, додека другиот табор предводен од Франција смета дека е неопходно да се надмине прагот од еден отсто. Во оваа група спаѓа и Европскиот Парламент кој смета дека треба да се оди до 1,3 отсто. Франција во голем дел стравува дека помал буџет ќе значи намалување на фондовите за земјоделството.

Сегашниот буџет на ЕУ ја покрива само уште оваа година, поради што земјите членки мораат итно да постигнат компромис, бидејќи секое одложување може да создаде политички и практични проблеми, предупреди Шарл Мишел и ги повика сите страни да покажат способност за компромис.