Сите големи хотелски капацитети на охридско-струшкото крајбрежје ставија клуч на врата. Главна причина е енергетската криза. Од хотелската асоцијација ХОТАМ велат невозможно е да се покријат високите сметки за струја, кои месечно достигнуваат илјадници евра. Вработените во хотелскиот сектор се дома.

Сите големи хотели на охридско струшкото крајбрежје ставија клуч на врата. Ќе останат затворени најмалку до крајот на месец март. Главна причина е енергетската криза. Од хотелската асоцијација ХОТАМ велат невозможно е да се покријат високите сметки за струја, кои месечно достигнуваат илјадници евра.

Моментално работат само помалите градски хотелски капацитети, но и тие не се рентабилни.

„Мораше да се преземе нешто со оглед на скапата енергија, на сите поскапувања што ги имавме, а секогаш месеците јануари, февруари и март ни се најниска сезона, каде имаме најголеми трошоци а најмалку приходи. И логично беше тие месеци да затвориме“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Вработените во хотелскиот сектор се дома. Некои користат одмори и ќе земат целосна плата, други до стартот на сезоната ќе останат на 70% плата.

„Има некои што користат годишни одмори, некои користат вишок денови ако имаат или да влезат во минус денови ќе ја земат целата плата. Некои понови вработени, тие ќе одат на 70% плата“, додава Блажески.

Капацитетот и бројот на туристи во овој период од годината е многу низок. Хотелиерите планираат да отворат во април пред Велигденските празници и стартот на новата летна сезона.

Соња Рилковска