Завршна тркалезна маса по повод завршувањето на проектот „Платформа – жени на раководни позиции“ ќе се одржи денеска на Универзитетот за туризам и менаџмент, во организација на Здружението на жени менаџери ЕЛИТ.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за економија, а е реализиран во соработка со сите стопански комори во земјата, МАСИТ и Македонската банкарска асоцијација. Во рамките на овој проект преку анкетни листови и посети на компаниите се обработени податоци за застапеноста на жените во управувачките и менаџерските структури во повеќе од 100 економски субјекти.

Главни цели беа да се идентификува и да се анализира состојбата во претпријатијата во државава во однос на вклученоста на жените во нивните управувачки и менаџерски структури, како и да се креира, да се развие и да се промовира првата стартер база на податоци за жените на раководни позиции во претпријатијата. Воедно да се креира алатка за вмрежување на жените на управувачки структури во претпријатијата и жените претприемачи, како и да се развие модел со препораки за вклучување на жените во процесот на донесување одлуки, нивната застапеност во управувачките и менаџерските структури на претпријатијата, како и поттикнување на женското претприемаштво.

На завршната тркалезна маса како говорнички ќе учествуваат личности од јавниот сектор и бизнис-заедницата: Ѓулумсере Касапи, претседателка на Клубот на пратенички при Собранието, Маја Штериова, финансова директорка од Комерцијална банка и претседателка на Македонската банкарска асоцијација, Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Анета Пешева, претседателка на МАСИТ и директорка на УНЕТ и претставник од Министерството за економија.

Здружението ЕЛИТ постои 10 години и се залага за родов баланс на жените во економијата, а посебен акцент става врз иницијативата за зголемување на бројот на жените на раководни позиции во компаниите, што е важен фактор за побрз економски развој во земјата.