Зделките со Русија на Рајфајзен Банк Интернешнл привлекуваат се поголемо внимание во Австрија. Написот на списанието „Фалтер“ за плановите на РБИ да ја купи европската подружница на најголемата руска банка Сбербанк (позната како „Проект Црвена птица“) исто така предизвика политички реакции, а Министерството за финансии се обидува да ја смири ситуацијата по истрагата на американската влада, дали се почитуваат санкциите против Русија, пишува денеска на веб-страницата на јавното радио и телевизија ОРФ.

Според написот во списанието „Фалтер“, РБИ нарачала консултантска фирма да ја анализира Сбербанк Европа и размислува за купување на поделбата, што на Москва ќе и донесе милиони. РБИ го привлече вниманието и за тековните зделки со Русија, кои во годината по рускиот напад на Украина донесоа рекорден профит. Овој профит не може да се пренесе во Виена поради санкциите наметнати на Кремљ, нагласи РБИ, додавајќи дека ги почитува сите ограничувања на санкциите. Сепак, написот во Фалтер предизвика загриженост кај австриските политичари за доброто име на Австрија.

Партијата „Зелените“ го праша министерот за финансии Магнус Брунер за оваа зделка. Во својата статија „Фалтер“ наведува дека РБИ ги нарачала меѓународната ревизорска куќа ПрајсвотерхаусКуперс и адвокатската фирма „Бејкер Меккензи“ да извршат сеопфатен преглед за можно купување на преостанатите акции на „Сбербанк Јуроп“.

Проектот го носи кодното име „Црвена птица“, пишува изданието. Продавач би била руската матична банка или во пракса руската држава, пишува OРФ. Поради санкциите, добивката од продажбата не може да оди директно во Русија, туку ќе биде префрлена на труст сметка. Во таков случај Кремљ ќе има милиони во странство, до кои нема пристап“, пишува „Фалтер“. Набргу по почетокот на војната во Украина, Сбербанк Европа привлече критики за големиот одлив на пари и последователните санкции против Русија, пишува „24Часа.бг“.