Студијата за безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија утврди дека во најголем дел се крши правото на безбедно работно место. Високата старосна граница на вработените ги прави уште почувствителни на условите за работа, а најмногу на удар е нивниот вид, крвниот притисок и кардио васкуларните заболувања.

Осум часа свиткани над машината или осум часа стоење во место и вдишување прав од текстилот. Ова е секојдневие на текстилните работници кое неретко резултира со нарушено здравје.

Со сублимирање на здравствените податоци на работничките во текстилните компании констатирано е дека една третина од нив имаат потврдена дијагноза, а најмногу им страда видот.

Од Здружението за здравје при работа сметаат дека во овој сектор често се крши правото на безбедно работно место, што веќе резултира со отсуство на млад кадар, но проблемот не е присутен само во текстилните фабрики.

Ова е дел од содржината на Студијата „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“ изработена од „Гласен текстилец“ со анкетирање и сублимирање на податоците од систематските прегледи на шест илјади текстилни работнички.

Славица Величковска