Еуростандард банка не пропадна само поради математичка операција за одредување на стапката на адекватност на капиталот. Не. Таа пропадна поради масовен криминал од речиси 60 милиони евра, крадење на депозитите на физичките и правни лица депоненти во банката, голема организирана операција во најголем дел спроведена во последните три години пред затворање на банката минатата година, се вели во соопштението од здружението на оштетени штедачи на ЕСБ банка.

Од здружението наведуваат дека наскоро ќе поминат година и половина од ставањето клуч на банката. Нема никаква одговорност за никого. Блажо Трендафилов, директорот на Управата за финансиско разузнавање, уште минатата година јавно изјави дека преку Еуростандард банка се переле пари. Арафат Муареми, директорот на Управата за финансиска полиција, во февруари годинава јавно изјави дека се гледа крајот на тунелот и дека се на добар пат да ја докажат одговорноста на сите вмешани страни кои се дел од грабежот на банката. Но се уште нема ништо на повидок. Молчи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Како што е веќе познато, се работи за три групи носители на организираниот криминал во банката. Раководството на банката, Народната банка и фирми клиенти на банката преку кои се поделиле парите на депонентите преку доделени неповратни кредити. Овие личности масовно одобрувале кредити иако истите не ги исполнувале критериумите за одобрување дефинирани во кредитната политика на банката. И сите овие активности биле будно следени од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и нејзиниот тим од Народна банка.

Во соопштението се вели дека релеватните државни институции кои треба да го штитат јавниот интерес, за што се и платени од нашите пари, очигледно се појавуваат како сервис и заштитници на криминалците. Ненормалното стана нормално и обратно. Крадците станаа чесни луѓе, а сите ние депоненти, над 3.000 семејства на кои личните парични средства им ги украдоа, сме виновни за вербата во системот којшто организирано не покраде.

Здружението на штедачи јавно ги прашуваат овие државни институции кого заштитуваат. До каде е истрагата?

Одговорност мора да има и парите да се вратат на тие на кои им се украдени. Само така може да се врати вербата во нормалното и во вредносниот систем којшто, за жал, е длабоко нарушен, се вели во соопштението на здружението на оштетени штедачи на ЕСБ банка.