Здружението на оштетени физички и правни лица „Правда за штедачи“ вчера се сретна со претставници на Делегацијата на ЕУ во земјава и детално ги информирале за стечајот на „Еуростандард банка“ и за состојбата во која се најдоа оштетените депоненти на Банката по отворањето на стечајната постапка, како и со активностите што се преземаат за надминување на овој проблем.

Претставниците на Здружението, како што се наведува во денешното соопштение, ја информирале Делегацијата на ЕУ дека повеќе од една година од отворањето на стечајната постапка, сѐ уште нема процесуирано ниту една кривична постапка и дека Основниот граѓански суд Скопје што ја води стечајната постапка сѐ уште не ја спровел одлуката на Уставниот суд, иако се поминати повеќе месеци од нејзиното донесување.

„Но, решението на Основниот граѓански суд Скопје по однос на ова прашање и неговото (не)спроведување на Одлуката на Уставниот суд, кај оштетените депоненти од ‘Еуростандард банка‘ раѓа основан сомнеж дека се подготвува нов грабеж на депозитите заробени во стечајната маса. И тоа на очиглед не само на депонентите туку и на пошироката јавност. Наша задача е навреме да укажеме на тоа и да изразиме надеж дека Апелацискиот суд Скопје, каде предметот се наоѓа во жалбена постапка, ќе има доблест да застане на патот на грабежот и неправдата. Тоа го бараме и тоа го очекуваме од Апелацискиот суд Скопје“, се наведува во соопштението од Здружението „Правда за штедачи”.