Зелен хуман град, Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. се противат на Стратегијата за рударство изработена од МАНУ заедно со наводната Оцена на влијанието врз животната средина.
Поттикнати од уништувањето на животната средина, кршењето на човековите права и неодржливите практики на екстракција поврзани со рударството, инсистираме во Стратегијата да се вклучат конкретни мерки за постепена елиминација на рударството во Македонија и негова замена со еколошки поприфатливи алтернативи, велат од Зелен хуман град.
„Елиминацијата на рударството како гранка е можеби смела, но сè порелевантна цел имајќи ги предвид долгорочните последици што ги предизвикува, од кои голем дел се безмалку неотстранливи. Иако оваа цел е можеби подалечна, сепак постојат начини значително и постепено да си ја намалиме зависноста од рударството преку спроведување на следниве практики, урбано рударство и рециклирање, циркуларност, напредни техники на производство, замена на материјали и политики и пазарни сили“, велат од Зелен хуман град.
Според нив, рударството може во голема мера постепено да се елиминира со комбинирање на технолошки иновации, промена на политиките и економски стимулации за да се даде приоритет на рециклирањето, повторната употреба и приоритетното инвестирање во еколошки прифатливи алтернативи.
„Се противиме на секаков обид да се претстави како Оцена на влијание врз животната средина документ кој во суштина е само алатка за прикривање на вистинските последици од Стратегијата за рударство и инструмент за нејзино аминување со сите недостатоци и последици што ќе ги предизвика по нашето здравје и животи. Оцените за влијание врз животната средина се и меѓународно препознаени како слабости во македонската регулатива. Европската комисија директно укажува на про форма оцените на влијанието врз животната средина што се изработуваат во Македонија. Доста си копавме црни гробови за туѓи бели дворови!“, се вели во соопштението до медиумите потпишано од активисти на Граѓанска иницијатива Зелен хуман град.