„Зелен картон“ – ако ги исполнувате 3 од 4 услови, полесно до работа и без понуда од Германија

2022-09-11 19:00

Германската влада воведува своевиден „зелен картон“ со кој има намера да го ублажи огромниот недостиг на работна сила. Според Дојче веле, оваа недела во јавноста беше претставена таканаречената „Chancenkarte“ или „карта на можности“ во лабав превод.

Министерот за труд Хубертус Хајл објасни дека „картичката за можност“ на странците ќе им понуди можност да дојдат во Германија да бараат работа, дури и ако немаат претходна понуда од германски работодавач.

Сепак, тие мора да исполнуваат најмалку три од четирите критериуми. Станува збор за поседување на високо образование или професионална квалификација, работно искуство од најмалку три години, познавање на јазикот или претходен престој во Германија и да се помлади од 35 години.

Ова го прави германскиот модел далеку поедноставен од, на пример, канадскиот систем за бодови за „зелениот картон“.

Како што објасни Хајл, бројот на „карти за можности“ ќе биде ограничен, а владата секоја година ќе одобрува одредена бројка, во зависност од потребите на пазарот на трудот, објави Пословни.хр.

Соумја Тијагарајан, Индијка која дошла во Хамбург во 2016 година за да го заврши својот докторат по аеронаутички инженеринг, верува дека овој систем може да им помогне на германските работодавци.

Таа денес е директорка на сопствената компанија „Фовиатек“, која се занимава со софтвер за транспортните и здравствените сектори.

– Мислам дека овој систем може да биде многу добра можност странците да дојдат овде да работат. Особено затоа што популацијата на млади во Германија се намалува – вели Тијагарајан.

Таа вели дека нејзината компанија моментално им дава предност на граѓаните на Германија и на членките на Европската унија при вработувањето, едноставно затоа што „документот“ при вработување граѓани од трети земји е премногу.