До 1 септември земјоделците од Прилепско и Долненско можат да пријават штети од невремето што на 24 август зафати околу 1.500 хектари земјоделски површини.

Најпогоден е тутунот, но штети има и кај пиперката и пченката. Досега се поднесени над 50 пријави, а проценките покажуваат оштетувања од 50 до 100 проценти. Во дел од атарите тутунот и ајварската пиперка се целосно уништени.

Комисијата за проценка веќе е на терен, по што ќе подготви елаборат за обесштетување. Од Сојузот на земјоделски здруженија предупредуваат дека поради невремето производството на тутун може да се намали од планираните 30.000 на околу 25.000 до 26.000 тони.