Во 2015 година возраста на просечниот македонски земјоделец беше 56 години, сега е 60 години
Главни причини за намалување на земјоделското производство се климатските промени, иселувањето на младите, стареењето на населението по селата и немањето интерес кај младите да работат на нивите, да чуваат стока. Поради ова потребни се примени на позитивните пракси од Европа, истакнаа на 25. Форум за земјоделска политика што вчера и денес се одржува во Охрид.
Земјоделието не е привлечно за младите, а иселувањето е европски тренд.
„Имаме напуштање на селата. Процес на иселување и стареење на руралната популација. Тоа не е својствено само за Македонија, тоа е европски тренд. Потребна е регенерација на руралните региони, за што во повеќе земји во Европа се основаат и посебни министерства кои работат на проблематиката“, рече Генералниот секретар на постојаната работна група, професорот Бобан Илиќ.
Според професорот од Земјоделскиот факултет во Скопје, Ордан Чукалиев земјоделското земјиште во држвата е расцепкано на мали ниви а прочната старост на земјоделеците е 60 години.
„Нашата просечна фарма е два хектари, што е малку за да живееш од нејзе, тоа не е економски профитабилно стопанство. Втор проблем е возраста, во 2015 година возраста на просечниот македонски земјоделец беше 56 години, од тогаш многу малку млади влегуваат во секторот, сега нашиот просечен земјоделец е постар од 60 години. Најголем дел од македонските земјоделци се со незавршено или завршено основно образование“, смета Чукалиев.
Владата го поддржува македонскиот земјоделец. Државниот секретар на МЗШВ Борче Серафимовски, вели дека државата е ориентирана на производство на земјоделски производи, но но се што недостига во држвата се увезува.
„На тој начин ние даваме поддршка на македонскиот земјоделец. Така ќе можеме да ги мотивираме и младите и останатите да продолжат со оваа земјоделска дејност, која е добра професија и особено значајна за мала држава како Македонија“, рече Серафимовски.
Најмногу погодени од климатските промени се централниот и источниот дел од државата кои се погодени од зголемени температури, сушни периоди, мало количество дожд и недоволната концентрација вода во акумулациите за наводнување на земјоделските површини. Една од мерките за заштита се инвестициите во агриволтаици, од кои би имало двојна корист, заштита на производството на земјоделските производи и производство на електрична енергија.
Настанот е во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.