Цели земјоделски блокови обраснати со трева, со години нога не стапнала на нив, а камоли пак механизација. Причината е една – нема повеќе млади земјоделци.
Вака коментираат оние постарите, кои останаа да сведочат дека децата им заминале во странство. Велат, не можеме повеќе да работиме како порано и затоа го редуцираме производството. Садиме само колку за по дома.
Речиси низ целиот источен, па и југоисточен регион се повторува истата слика. Реткост е да се види некоја парцела засеана со градинарски фуражни или полјоделски култури, а некогашните ниви станале своевидни пасишта.
Несигурниот пласман и нерентабилното производство низ годините наназад му пресудија на македонското земјоделство, се согласуваат сите кои што се опфатени со овој сектор.
Сведоци сме дека речиси секоја година незадоволството од откупот и пласманот на било која земјоделска култура се преточува во протести и блокади. Боли кога си вложил пари и труд во одредено производство, а ќе ти остане по нивите, или ќе треба да го продадеш за џабе, ќе речат повозрасните земјоделци. Младите тоа го видоа и се одлучија чаре да бараат ширум европските држави, согласни се сите со кои разговаравме. Затоа, дали навистина младите ќе видат перспектива на нивите, пред сè ќе зависи и од поддршката што ја дава државата.
Ако навистина се вложува во земјоделството, односно, производството на храна, останува прашањето дали ќе биде доволно за оние малку млади што останаа, да ја видат иднината овде.