Земјотресите не можеме да ги предвидиме, но можеме да ги направиме помалку смртоносни. Покрај ресурсите како што се квалитетна опрема и човечки капацитет, исто така, потребни се и цврсти градби. МИА разговараше со професорот д-р Горан Марковски, член на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции кој посочува дека употребата на квалитетни материјали е еден од предусловите за квалитетна градба.

– Градбата е доста регулирана кај нас, меѓутоа содржината е, би рекол, перфорирана, со низа празнини низ кои што меѓу другото успеваат да се протнат и неквалитетни материјали, без соодветно спроведена контрола или уште полошо со лажна контрола. Овде ќе го издвојам производството на бетон. Да се направи квалитетен бетон претставува знаење, не случајност. За тоа треба и големо ниво на одговорност на сите учесници во градбата, вели Марковски.

Професорот истакнува дека патот од идеја до реализација на градбата е долг и минува низ поголем број лица и институции, а надзорниот инжењер има исклучително важна и многу одговорна улога во обезбедувањето на потребниот квалитет на градбата.

Она што особено треба да не загрижува, според Марковски, е дали по тој пат ќе се „протне“ корупцијата.

– Уште поопасно е што во оваа област има и една дополнителна корупција која би ја нарекол техно – корупција. Во такви случаи во конструкциите остануваат скриени тајни кои се разоткриваат токму при потреси како оние во Турција и Сирија, нагласува Марковски.

Според професорот, Македонија има добри регулативи, а во иднина се очекува тие дополнително да се подобрат.