Земјотресот во Сирија и Турција има значително влијание врз турската економија, изјави шефицата на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева.

Во говор пред учесниците на Арапскиот фискален форум во Дубаи, Георгиева истакна дека катастрофата што ги погоди двете земји „предизвика огромна трагедија за луѓето, но има многу значајно влијание и врз турската економија“.

Затоа таа ги повика учесниците на форумот да изградат подобри механизми за отпорност против ваквите шокови и други предизвици на Блискиот Исток, како што е можноста за влошување на состојбата со снабдувањето храна поради војната во Украина и постојано високата невработеност кај младите во регионот, што значително ја загрозува социјалната стабилност.

Од друга страна, извршниот директор на ММФ Махмуд Мохилдин рече дека не очекува ефектите од земјотресот врз бруто домашниот производ на Турција да бидат исто толку значајни како земјотресот во 1999 година.