Германија ќе се соочи со длабока рецесија доколку се запре увозот или испораката на руски гас и нафта, предупреди денеска генералниот директор на Дојче банк, Кристијан Зевинг. Најголемата европска економија е во голема мера зависна од Русија во однос на енергијата, а звучните имиња од германскиот банкарски сектор во последните денови изразија загриженост за можните нарушувања во снабдувањето со енергија.
Кристијан Зевинг, кој е и претседател на германското банкарско лоби, вели дека банките предвидуваат значително забавување на растот оваа година на околу 2,0 отсто поради војната во Украина, пренесува Ројтерс.

„Ситуацијата ќе биде уште полоша ако престане увозот или испораката на руска нафта и природен гас. Сериозната рецесија во Германија тогаш би била практично неизбежна. Прашањето за владините мерки за помош на компаниите и секторите тогаш ќе стане уште поитно“, изјави тој за новинарите.

Зевинг во оваа прилика ја повика и Европската централна банка да дејствува со цел да се спречи инфлацијата.