Алијансата против пиратеријата ACE, по долготрајна борба, успеа да го затвори сајтот Extreme Download, кој постоеше околу 15 години и бележеше околу 15 милиони посетители месечно.

Најголемата светска асоцијација за борба против пиратеријата, Alliance for Creativity and Entertainment (ACE), објави дека успеала да го згасне еден од најголемите светски сервиси за преземање нелегално добиени содржини, Extreme Download (Extreme-Down.com).

Овој сервис беше втората најпопуларна веб-страница за пиратски содржини во Франција, од каде што беше иницирана акцијата за негово исклучување.

Extreme Download постоеше околу петнаесет години и долго време успеваше да се спаси од затворање. Често го менуваше доменот, ги избегнуваше блокадите на француските ISP и на крајот „падна“ кога беше откриен главниот оператор на страницата. Тој беше идентификуван како Тунижанец, кој управувал со страницата од Хоумт Соук на тамошниот остров Џерба. Откако бил откриен, сопственикот на страницата ги предал сите свои домени на здружението ACE.

Extreme-Down нудеше повеќе од 40 илјади наслови на филмови и серии, во нивната оригинална форма и локализирани на француски јазик. Сервисот бележеше меѓу 14 и 15 милиони посетители месечно. Освен од Франција, најголем сообраќај генерирале корисниците од Белгија, Канада и Швајцарија – односно оние од француското говорно подрачје.

Во раните години на работа, Extreme-Down само беше агрегатор на линкови и го пренасочуваше сообраќајот кон тогаш многу популарната страница Megaupload. Со текот на времето, тој стана огромно складиште на пиратски содржини и со години се бореше против обидите да биде затворен. Успешната акција во здружението ACE беше прогласена за голема победа за заштита на авторските права во франкофонските земји.