Европската Комисија го одобри зголемувањето на буџетот за Мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси”. Од предвидените 9,6 милиони евра сега на располагање за реализација на проектот се 13,5 милиони евра. Финансиската поддршка по корисник изнесува од 1500 до еден милион евра, без данок на додадена вредност, а повратот на инвестициите е во висина од 65 проценти од вкупните прифатливи трошоци, информира Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Од Агенцијата додаваат дека средствата се наменети за реализација на проекти во повеќе сектори, како алтернативно земјоделско производство, производство на прехранбени производи и пијалаци, тестенини и пекарски производи, чај и билни екстракти, зачини и билки, слатководна риба, ракови и мекотели, производство на не-прехранбени производи, занаетчиски дејности – согласни со Правилникот за определување на дејности кои можат да ги вршат занаетчиите, развој на услуги за руралното население, промоција на руралниот туризам.

Информациите за повикот и потребната документација за аплицирање се достапни на веб-страната на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

– Со помош на средствата од ИПАРД 2 програмата, физичките и правните лица имаат можност да ги модернизираат постојните или да отвораат нови микро и мали претпријатија, кои ќе помогнат домашните земјоделски производи да добијат додадена вредност, велат од Агенцијата.

Оваа мерка е наменета за развивање на руралниот туризам и негова промоција, создавајќи можност за отворање на нови работни места.