Започнати се разговори за чартери од Измир за Охрид во текот на сезоната 2023 година со два туроператори од Турција, еднаш до два пати неделно во високата сезона, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот од саемот за туризам во Измир, Турција „TRAVEL TURKEY İzmir“, каде традиционално учествуваме.

Тој ги најави потврдените чартери за 2023 година и од Измир за Скопје со зголемена динамика и пакет аранжмани од три, пет и седум дена во Македонија и зголемен број на кружни патувања на турски туристи од измирскиот дел на Турција.

– Потврдени се повеќе кружни тури и континуирана динамика на патувања од турските туроператори кои нашата дестинација ја оценуваат како многу атрактивна и интересот за 2023 година е уште повеќе зголемен, дополни Јаневски.

Македонските туристички потенцијали се промовираат и со најновата ВР технологија која автентично ги претставува дестинациите и туристичките атракции, пред се за активните форми на туристичка понуда.

Следејќи ги статистиките, забележан е раст од 70% на бројот на туристи и зголемување на остварените ноќевања за 65% од туристичкиот пазар Турција, за период од јануари до септември 2022 година споредбено со истиот период лани. Учеството на турските туристи од вкупниот број на туристи во Македонија изнесува 12% за период од јануари-септември 2022 година. Очекувањата се во 2023 година турскиот пазар по бројот на ноќевања да се врати и да го надмине бројот од 2019 година, што овозможува резултатите на македонскиот туристички сектор да достигнат 3,2 милиони ноќевања.

Агенцијата за туризам договори неколку информативни патувања на влијателни инфлуенсери од Измир за првата половина од 2023 година, надополнети со фокусирана “google” кампања за Истанбул и измирскиот регион. Би сакале да потенцираме дека турскиот пазар е во фокусот и за вториот дел од медиумската кампања, промоцијата ќе ја насочиме на електронски медиуми, односно 100% онлајн рекламирање. Интересот за македонските убавини е огромен, Агенцијата за туризам продолжува со дефинирање на соработката со туристичкиот сектор од Турција.