97 милиони евра неповратна помош од Европската унија преку ИПАРД 3 програмата. Средствата ќе може да се користат во период од седум години. Ова е за 62 проценти повеќе пари споредено со ипард 2 кога на располагање имаше 60 милиони евра. Годинава треба да биде распишан и првиот јавен повик

Вкупните инвестиции во македонското земјоделство со ИПАРД 3 програмата изнесуваат 210 милиони евра. Покрај 97 милиони неповратни средства од ЕУ, тука влегува и националното кофинансирањето во висина од 31 милион и 82 милиони евра кофинансирани од домашните корисници на оваа програма.

Набавка на нова опрема, изградба или проширување на производствените капацитети, поддршка за туризмот и руралниот развој се само дел од проектите кои се поддржуваат со ИПАРД програмата.

Во неа се предвидени и четири нови агроеколошки мерки и тоа за органско производство, за локални акциски групи, за изградба на инфраструктурни објекти и за советодавни услуги. Последната мерка што се најавува е од областа на шумарството, а ќе се активира за две до три години.

Една од поважните новини за производителите, е авансното финансирање.

Секој корисник, кој ќе аплицира ќе има можност да добие 30 до 50 отсто од вложените средства веднаш по потпишувањето на договорот. Досега земјоделците прво требаа да ја реализираат целата инвестиција па потоа платежната агенција да им исплати најмалку 50 проценти од трошоците.