Во следните месеци Европа најверојатно ќе мора да се натпреварува со Азија за руски течен природен гас, пишува американскиот весник „Волстрит журнал“, а пренесува РИА Новости. Според авторите на публикацијата, ситуацијата за земјите од ЕУ ќе се влоши со приближување на зимата.

„Дури и руските испораки на ЛНГ може да бидат нарушени. Економското закрепнување во Кина по изолацијата поради коронавирусот или студената зима во Азија ќе стане изговор за борбата против Европа за извоз на ЛНГ, што ќе доведе до дополнително зголемување на цените“, се наведува во написот.

Изданието смета дека влошувањето на животниот стандард на Европејците може да влијае на нивната непоколеблива поддршка на Украина, а на власт во земјите на ЕУ може да дојдат владите кои ќе ја уништат западната коалиција.

„Високите цени на енергенсите влијаат на европската економија и предизвикуваат потешкотии кои ќе доведат до јавни немири, а луѓето ќе почнат да гласаат со празни паричници“, го опиша сценариото „Волстрит журнал.

Европскиот пазар на гас доживеа колапс минатата година, поттикнат од ограниченото снабдување на големите добавувачи, ниските нивоа на подземен капацитет за складирање гас и силната побарувачка за течен природен гас (LNG) во Азија.

Сега, Европа се уште е под притисок поради постојаните тензии околу снабдувањето од Русија. Извозот на руски гас се намали по почетокот на специјалната воена операција во Украина, а снабдувањето преку Северен тек и преку украинскиот систем за транспорт на гас значително се намали, додека пак, преку Јамал целосно запре.

Европа ја сопира „чешмата“

Земјите од Европската унија усвоија план за доброволно намалување на потрошувачката на гас, со можност за воведување обврска за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто.

Намалувањето на потрошувачката на гас од 15 отсто во ЕУ ќе стапи на сила неделава, за да се компензира намалувањето на испораките од Русија, објави чешкото претседателство со Советот на ЕУ. Регулативата за намалување на побарувачката на гас е формално усвоена. Текстот ќе биде објавен во Службен весник на почетокот на неделава и ќе стапи на сила еден ден по објавувањето”,прецизираше Претседателството на својот Твитер профил.

Сите земји освен Унгарија и Полска го одобрија законот, се вели во соопштението на Чешката Република, која претседава со ЕУ.

Унгарија се спротивстави на договорот минатата недела, доведувајќи ја во прашање легитимноста на правилата на ЕУ кои влијаат на енергетската безбедност на земјата. Полска, исто така, се спротивстави на конечниот закон, иако минатата недела го поддржа договорот. Варшава оцени дека одлуките за енергетските прашања на земјите-членки треба да се носат со едногласна согласност од сите земји.

И Европската комисија „итно ја проценува“ можноста за воведување ограничување на цената на гасот, се наведува во соопштението, без да се прецизира каква форма би имала таа граница