Цената на златото останува под силен притисок на светските пазари, откако падна под психолошката граница од 4.000 долари за унција – најниско ниво во последните седум месеци.

Пресметано според актуелниот курс на еврото, оваа вредност одговара на околу 114 евра за грам 24-каратно злато. Во одредени моменти од тргувањето, цената се спушти и до 112-113 евра за грам, но таа постојано се менува во зависност од движењата на доларот и глобалните берзи.

Од рекордните 5.594,82 долари за унција, достигнати во јануари, златото изгуби речиси 28 отсто од својата вредност и е на пат да ја заврши четвртата последователна недела со пад.

Главен притисок врз благородниот метал создава зајакнувањето на американскиот долар, кој го прави златото поскапо за купувачите од другите валути и ја намалува побарувачката. Дополнително, инвеститорите очекуваат построга монетарна политика од Федералните резерви, при што повисоките каматни стапки ги прават обврзниците и депозитите поатрактивни од златото, кое не носи принос.

На пазарот влијае и намалената геополитичка неизвесност, поради што дел од инвеститорите повлекуваат капитал од златото како традиционално „безбедно засолниште“.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку цената остане под 4.000 долари, може да следува дополнителен пад кон 3.600 до 3.700 долари за унција. Сепак, купувањата од централните банки и понатаму обезбедуваат одредена поддршка на пазарот.

Иако берзанската цена на златото паѓа, експертите посочуваат дека тоа не мора веднаш да се одрази врз цената на златниот накит, бидејќи во крајната цена се вклучени изработка, маржа и други трошоци.