Шест години по затворањето на Еуростандард банка, случајот со Алта банка повторно го отвори прашањето за критериумите според кои Народната банка одлучува дали една банка ќе добие шанса за стабилизација или ќе остане без дозвола за работа.
На денешното продолжение на надзорната расправа во Собранието, Финансиската полиција соопшти дека нема отворено предмет за Алта банка, додека поранешниот главен акционер на Еуростандард банка, Трифун Костовски, побара објаснување зошто неговата банка не добила можност за спасување.
Двете сведочења отвораат прашања за институционалната одговорност, контролата на потеклото на капиталот и навременото препознавање на ризиците во банкарскиот сектор.
Финансиската полиција не добила ниту едно барање за проверка
Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, пред пратениците потврди дека институцијата нема отворено предмет поврзан со Алта банка, ниту добила пријава или барање за проверка на потеклото на парите со кои беше преземена Стопанска банка Битола.
Народната банка не доставила известување за евентуални незаконитости, а барање за постапување не пристигнало ниту од надлежните институции во Србија.
До Финансиската полиција не бил доставен ниту извештај од Управата за финансиско разузнавање за сомнителни трансакции поврзани со Алта банка.
Ивановски појасни дека Финансиската полиција не е регулаторно тело што го контролира влезот на инвеститорите во банкарскиот систем, туку истражен орган кој постапува врз основа на законски утврдени индиции или насоки од јавен обвинител.
Отсуството на предмет во Финансиската полиција не значи дека потеклото на капиталот воопшто не било проверувано. Но, останува прашањето какви проверки направила Народната банка пред да го одобри преземањето.
Костовски: Зошто Еуростандард не доби администрација?
Поранешниот главен акционер на Еуростандард банка, Трифун Костовски, нагласи дека го поддржува спасувањето на Алта банка, но побара објаснување зошто истиот законски механизам не бил применет во случајот со неговата банка.
Според Костовски, акционерите вложиле околу 13,5 милиони евра свеж капитал шест месеци пред затворањето на банката, платиле изречени казни и презеле корективни мерки за стабилизирање на работењето.
Тој ја оспори и пресметката на капиталната адекватност. Според неговото сведочење, на 12 август 2020 година документацијата врз која Народната банка ја темелела својата одлука покажувала капитална адекватност од околу минус четири проценти, додека два дена подоцна, според документите со кои располага, таа изнесувала близу седум проценти.
Костовски побара да се утврди која пресметка е точна, според која методологија е направена и кој ја проверил пред да биде одземена дозволата за работа.
Пратеникот Миле Талевски, пак, реагираше дека актуелизирањето на случајот со Еуростандард ја оддалечува расправата од причините за воведувањето администрација во Алта банка.
Дали двете банки биле во иста финансиска состојба?
Според официјалните образложенија на Народната банка, финансиската состојба на двете банки во моментот на регулаторната интервенција била различна.
На 12 август 2020 година, тогашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка поради несолвентност. Народната банка тогаш соопшти дека проблемите со недостигот на капитал биле утврдени уште во 2019 година, а капиталната адекватност паднала под два проценти.
Кај Алта банка Битола, непосредната причина за воведувањето администрација е одземањето на дозволата за работа на нејзиниот доминантен акционер, Алта банка Белград, кој поседува 95,336 проценти од капиталот.
Според податоците што ги изнесе гувернерот Трајко Славески на првата надзорна расправа, капиталната адекватност на битолската банка изнесува речиси 26 проценти, додека учеството на нефункционалните кредити е 2,9 проценти.
Показател
Еуростандард банка
Алта банка Битола
Година на интервенција
2020
2026
Капитална адекватност според Народната банка
Под 2%
Речиси 26%
Причина за интервенција
Утврдена несолвентност
Ризик од нарушување на солвентноста
Преземена мерка
Одземање на дозволата
Воведување администрација
Последователна постапка
Стечај
Барање нов сопственик
Гувернер
Анита Ангеловска-Бежоска
Трајко Славески
Различните финансиски показатели го објаснуваат различниот третман во моментот на интервенцијата, но не даваат одговор дали кај Еуростандард можело да се интервенира порано, пред банката да стане несолвентна.
Сиљановска-Давкова се огради од одлуките на гувернерот
На надзорната расправа беше сослушана и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која посочи дека Трајко Славески бил нејзин избор за гувернер, но дека претседателот на државата нема законски надлежности во издавањето банкарски дозволи, супервизијата или воведувањето администрација во банка.
Од првата надзорна расправа, одржана на 11 ноември, остана неодговорено и прашањето дали Јавното обвинителство води предистражна постапка за Алта банка. Државниот јавен обвинител Ненад Савески ниту го потврди ниту го негираше тоа, повикувајќи се на тајноста на предистражните постапки.
Во меѓувреме, пратениците на СДСМ и коалицијата поднесоа интерпелација за гувернерот Славески, со која бараат политичка одговорност за постапувањето при преземањето на Стопанска банка Битола.
Дали Народната банка интервенирала навреме во двата случаи?
Случаите со Алта и Еуростандард отвораат две различни прашања за работата на банкарскиот регулатор.
Кај Алта, прашањето е дали при одобрувањето на преземањето соодветно биле проверени потеклото на капиталот, финансиската состојба на инвеститорот и ризиците што можела да ги донесе промената на сопственоста.
Кај Еуростандард, прашањето е дали Народната банка, која знаела за проблемите уште во 2019 година, можела порано да воведе администрација и да спречи банката да дојде до состојба на несолвентност.
За одговор на овие прашања потребни се супервизорските извештаи, документацијата за докапитализација, процените на ризиците и хронологијата на регулаторните одлуки.
Алта оди на продажба, институционалната одговорност останува отворена
За 30 ноември е најавена првата аукција за продажба на доминантниот акционерски пакет во Алта банка Битола.
Евентуалното обезбедување нов сопственик може да придонесе за стабилизирање на банката и заштита на штедачите, доверителите и вработените. Но, продажбата нема да даде одговор на прашањата за околностите под кои беше одобрено нејзиното преземање.
Суштината на споредбата со Еуростандард не е дали двете банки требало да добијат идентичен третман без оглед на нивната финансиска состојба, туку дали институциите во двата случаи навремено ги препознале ризиците, примениле доследни законски критериуми и ги искористиле расположливите механизми за заштита на штедачите.