Производителите на автомобили BMW и Stellantis предупредија дека глобалниот недостиг на полупроводнички чипови што ја погоди индустријата ќе продолжи и оваа година и ќе влијае на производството и продажбата.

Зошто нема чипови?

Производителите на автомобили, кои беа принудени да ги затворат фабриките минатата година поради пандемијата со Ковид 19, се соочуваат со силна конкуренција од распространетата електронска индустрија за испорака на чипови, погодени од серија прекини во синџирот на снабдување за време на пандемијата, пренесува BIZLife.

Главниот финансиски директор на компанијата Стелантис, Ричард Палмер, рече дека четвртиот по големина производител на автомобили во светот не очекува подобрување на понудата на чипови пред четвртиот квартал, со вкупна проектирана загуба на производство од околу 1,4 милиони возила во 2021 година.

БМВ, кој досега беше релативно помалку погоден од недостигот на чипови отколку некои од неговите конкуренти благодарение на силните односи со добавувачите, исто така предупреди дека втората половина ќе биде попредизвикувачка за германскиот производител на луксузни автомобили.

„Колку подолго траат тесните грла во снабдувањето, најверојатно ситуацијата ќе биде понапната“, рече финансискиот директор на БМВ, Николас Петер.

Очекуваме дека ограничувањата на производството ќе продолжат и во втората половина од годината, а со тоа и соодветно влијание врз обемот на продажба, посочи тој.

Недостигот може да трае до 2022 година

Други производители на автомобили како Тесла и Форд признаа дека во догледна иднина ќе има недостаток на чипови, пренесува Ројтерс.

„Додека произведуваме автомобили со полна пареа, ситуацијата со недостиг на чипови на глобално ниво станува многу сериозна“, рече извршниот директор на Тесла, Илон Маск минатата недела.

Германскиот производител на чипови Infineon Technologies, исто така, предупреди на „темна слика“, велејќи дека се бори со екстремни тензии на своите пазари, бидејќи пандемијата го наруши производството во Азија, а залихите паднаа на најниско ниво. Многумина очекуваат дека таквата ситуација ќе трае до 2022 година.

Најголем недостаток на чипови во последните три децении

Институтот за економски истражувања „Ифо“ оваа недела соопшти дека германската автомобилска индустрија и нејзините добавувачи се соочиле со најголемиот недостиг во снабдувањето со чипови во последните 30 години.

Истражувањето покажа дека 83 проценти од компаниите биле погодени од тоа, наспроти 65 проценти во април.

„Тоа доведува до прекин на производството. Недостигот на полупроводници ќе трае уште некое време “, рече Оливер Фалк, истражувач во институтот.

Француската група за лобирање CCFA-PFA пред неколку дена предупреди дека глобалниот недостиг на чипови и новиот пораст на заболени од корона вирус ги намалуваат изгледите за силно закрепнување на францускиот пазар на автомобили, пренесува BIZLife.