Со почетокот на транзицијата, сточарството забележа огромни падови, кои до средината на 1990-тите години станаа загрижувачки. Уништувањето на големите фарми, лошата приватизација и затворањето на кланичните капацитети и ладилници доведоа до огромни зголемувања на увозот на месо

Сточниот фонд во Македонија континуирано се намалува, за разлика од земјите-членки на Европската Унија, каде што производството се одржува на завидно ниво. Бројот на говеда, овци, свињи и живина што се одгледуваат во нашата држава со години е во постојан пад, тоа се забележува и од податоците на Државниот завод за статистика, каде што се вели дека во 2020 година, бројот на сите видови добиток бележи опаѓање и во однос на 2010 и во однос на 2015 година. Производството на свинско месо е во пораст во 2020 година, споредено со претходните години, додека производството на другите видови месо е во опаѓање.
Во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за период 2021-2027 година, која ја изработува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посочуваат дека сточарството се наоѓа во процес на реструктурирање со намалување на бројот на производители и зголемување на производствените капацитети.
– Вкупниот број на одгледувалишта е помал за 11.200, при што опаѓа бројот на оние со помалку од 20 грла (и изнесува 47 отсто, од 50 отсто во 2014 година) и се зголемува застапеноста на сите категории поголеми од 20 грла. Како резултат, во периодот од 2015 до 2019 година, просечниот број грла говеда по фарма е зголемен од 7,4 на 9,3 отсто, но секторот генерално бележи пад во вкупниот број говеда за 25 отсто, односно околу 58.000 грла. Во изминатиот период, секторот беше и под влијание на негативни пазарни и санитарни предизвици. Со укинувањето на производните квоти во земјите на ЕУ во 2016 година, откупната цена на млекото, која е на нивото на европскиот просек, се намали за 9,4 отсто во периодот од 2014 до 2019 година (од 19,6 на 17,7денари на литар) – велат од Министерството.

Според нив, во 2016 година секторот беше повторно ставен на уште еден посериозен тест со појавата на болеста јазлеста кожа кај говедата, поради што беа уништени голем број говеда и ваквите движења имале за последица намалување на приходите на производителите.
Како што вели Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери (НФФ), сточарството е една од најзначајните гранки на нашето земјоделство во 70-тите и 80-тите години од минатиот век.
– Со почетокот на транзицијата, сточарството забележа огромни падови, кои до средината на 1990-тите години станаа загрижувачки. Уништувањето на големите фарми, лошата приватизација и затворањето на кланичните капацитети и ладилници доведоа до огромни зголемувања на увозот на месо. Од 2000 година наваму, потсекторот по кој нашата земја е препознатлива, овчарството, бележи најголем пад на добиточниот фонд. Од околу 1.200.000 грла во 2000 година, бројот е паднат на 727.000 грла во 2018 година – објаснува Петровска Митревска.
Таа додава дека во услови на корона-кризата на површина излегоа несоодветната поддршка на овој сектор, негрижата за подобра организираност, променливата побарувачка и несигурните пазари и цена.
Петар Андонов, советник за сточарство при Агенцијата за поттикнување на земјоделството, вели дека иако Македонија има големи предности, многубројни богати пасишта, сепак бележи големо опаѓање на бројот на добиток и дека со намалувањето на сточниот фонд се намалуваат и пасиштата во земјава, бидејќи израснува шума и потоа е тешко таа земја да стане пак пасиште.

– Во 2019 година имавме програма за набавка на стелни јуници, покрупен добиток, како и поддршка за набавка на овци и кози со педигре. Недостаток е што за вакви животни ние немаме одгледувалишта, туку истите тие се во Шпанија, Италија, Грција и тоа е проблем, бидејќи е поскапо за набавка – потенцира Андонов.
Европските земји, споменува тој, имаат создаден квалитетен расплоден материјал и имаат свои одгледувалишта, кои се битни за понатамошно одржување на сточниот фонд.
– Доколку имаме свои одгледувалишта, ќе имаме поевтина можност за расплодување, а вака сега трговците им наплаќаат високи цени на сточарите, дури ставаат двојна маржа, а се случува и да им продадат јалови единки, поради кои потоа нема репродукција на стадото. Со добра единка, која би изродила десет јариња, за сточарот е тоа голема придобивка. Во насока на подобрување на условите за сточарите, се преземаат мерки со кои ќе им се овозможи на сточарите од дома да ги продаваат своите продукти. Потребни се подготовки што ќе овозможат до крајните корисници да стигне квалитетен и здрав производ, како мерки за одржување хигиена, редовни контроли на сточарите, на продуктите што ги продаваат, со што би се овозможиле локална продажба и развивање на локалната размена – нагласува Андонов.

Потребно е да се зголемат инвестициите

Според Националната стратегија за земјоделство и рурален развој, производството на млеко бележи благ тренд на пораст, особено кај кравите под контрола на производни особини, чија продуктивност е зголемена од 6.390 на 6.840 килограми млеко по крава годишно или двојно повеќе од националниот просек од 3.400 килограми млеко.
– Сепак нивниот број од 3.000 опфатени грла сѐ уште е мал во однос на вкупниот број говеда. Во расниот состав сѐ уште доминираат мелезите и комбинираните раси (58 отсто). Секторот има понатамошна потреба за подобрување на расната структура заради поголема продуктивност. Домашното производство на говедско месо задоволува само 20 отсто од потребите и има континуиран опаѓачки тренд. Во набљудуваниот период, производството опадна од 5.500 тони во 2014 на 4.000 во 2019 година. Потребите од 11.500 тони смрзнато и свежо говедско месо се задоволуваат од увоз во вредност од 36,5 милиони евра во 2019 година – пишува во Националната стратегија.
Оттаму се вели дека најголем предизвик од кој зависи одржливоста на потсекторот млекарство е постигнување соодветен квалитет и безбедност на млекото. Според мониторингот на одгледувалишта за крави спроведен од АХВ, само 23 отсто од млечните фарми произведуваат млеко што ги задоволува законските барања за безбедност, односно само 2,1 отсто од фармите се во прва категорија, додека мнозинството, 65 отсто, се во втора категорија, што подразбира потреба од сериозни инвестиции за подобрување на санитарнохигиенските услови во одгледувалиштата.
– Што се однесува до квалитетот за кој нема официјални податоци, бидејќи системот на контрола на квалитетот на откупеното млеко по одгледувалиште сѐ уште не е воспоставен, не повеќе од 20 отсто од откупеното млеко спаѓа во екстра класа, односно ги задоволува законските барања. Во процесот на окрупнување, осовременување и механизирање на одгледувалиштата, потребни се зголемени инвестиции, пред сѐ во исхраната, молзењето, изѓубрувањето, благосостојбата на животните и третманот на ѓубривото, особено кај оние одгледувалишта што од страна на АХВ се класифицирани дека е потребно да направат промени со цел постигнување на потребните стандарди – се вели во стратегијата.
Во неа е посочено дека одгледувачите на говеда имаат недоволно површини земјоделско земјиште за сопствено производство на добиточна храна, што нивното производство го прави поскапо и понеконкурентно.
– Овчарството и козарството, кои се базираат на екстензивно одгледување на природните ридски и високопланински пасишта во државата, претставуваат единствена опција за економска активност во руралната економија и начин за ублажување на невработеноста и сиромаштија за поголемиот дел од подрачјата со отежнати услови за производство.

Структурните ограничувања поврзани со тешкотиите со обезбедување работна сила за екстензивното одгледување овци и кози, како резултат на депопулација на руралните средини и возрасната структура на одгледувачите, но и ниската цена на јагнешкото месо, придонесоа до стагнација и постепено опаѓање на бројот на овците во изминатиот стратегиски период. Одгледувањето на високопродуктивните раси овци и кози, како еден од главните предуслови за создавање развиено овчарско и козарско производство, не е застапено – пишува во националната стратегија.
Во стратегијата се посочува дека преку модернизација се цели кон зголемување на земјоделското производството за поголемо задоволување на потрошувачката со домашно производство, подигање на квалитетот и создавање услови за одржливо земјоделство. Во стратегијата се вели дека за зголемување на ефикасноста на вложувањата, тежиштето на политиките ќе биде поставено кон семејните комерцијални стопанства, кои ќе бидат поддржани за да се специјализираат за висококвалитетно земјоделско производство.

Број на добиток по видови во илјади грла

   2010                2015               2020

Говеда         260                  253                 222

Овци            778                 734                  631

Свињи         191                 195                   164

Живина       1.995              1.761                 1.643

Извор: Државен завод за статистика

 

Извор: Нова Македонија