Договорот станал валиден на 3 август, а беше потпишан од загрепскиот Институт ИГХ, како водечки партнер, во конзорциум со Институтот за патишта и Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија, пренесува хрватски Индекс.

Работата се однесува на услугите на стручен надзор и правен совет за изградба на споменатите паневропски транспортни коридори во Македонија, кои автопатски ќе го поврзат Гостивар со албанската граница кај Струга, како и автопатот Битола – Прилеп.

Консултантот за изградба на коридорите 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и 10 Д (делница на автопатот Прилеп-Битола), треба понатаму да каже колку ќе чинат овие автопати.

Според објавата на веб-страницата на Загрепската берза, вкупната вредност на договорот е 22,6 милиони евра (без ДДВ), додека учеството на Институтот ИГХ е 8,7 милиони евра (без ДДВ).

Времетраењето на договорот е 58 месеци, при што првата фаза опфаќа преговори, проектирање и извршување – 46 месеци, а втората фаза е гарантен рок од 12 месеци.

Новите автопатишта во Македонија ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ преку услови овозможени со посебен закон. Изградбата на автопатишта на оваа компанија во Романија, Хрватска и Косово беше проследена со големи скандали.