Повеќе од 49.000 работници на „Џенерал моторс“ (ГМ) почнаа штрајк денес и поставија пречки на влезовите во фабриката кога не успеаја преговорите на синдикатот Обединети автомобилски работници (ОАВ) со раководството на компанијата за заработката и работните услови.
Работниците затворија 33 производствени погони во девет држави во САД, како и 22 складишта за дистрибуција на резервни делови, пренесува АП.
Неизвесно е колку долго ќе траат протестите, а синдикатите велат дека ГМ ги одолжувал неколкумесечните преговори, додека компанијата соопшти дека тие направиле значителни понуди, вклучително и повисоки плати и инвестиции во фабрики.
Бидејќи соопштенијата на двете страни се контрадикторни, тешко е да се каже колку долго ќе трае штрајкот, рече Кристин Џичек, потпретседателка за прашања на трудот и индустријата во Центарот за истражување во автомобилскиот сектор.
Разговорите треба да продолжат и денес, додава АП.