Цената на нафтата во вторникот за првпат во последните три недели ја надмина границата од 110 долари по барел, поради застојот во преговорите меѓу САД и Иран, што ја зголемува неизвесноста околу снабдувањето со енергенси преку Ормускиот теснец.
Суровата нафта „Брент“ порасна за 0,3 отсто и достигна 111,07 долари по барел, додека американската нафта „WTI“ забележа раст од 0,2 отсто, на 99,72 долари по барел.
Од Белата куќа соопштија дека американските власти го разгледуваат најновиот предлог од Иран, но дека остануваат на своите „црвени линии“ во однос на нуклеарната програма на Техеран.
Портпаролката Каролин Левит изјави дека претседателот Доналд Трамп свикал состанок со тимот за национална безбедност за да ја разгледа ситуацијата, додека државниот секретар Марко Рубио нагласи дека нуклеарното прашање останува клучно во преговорите.
Годинава цената на „Брент“ порасна од под 60 долари до максимум од околу 119 долари за време на ескалацијата на тензиите, кога Иран речиси го блокираше сообраќајот низ Ормускиот теснец и напаѓаше енергетски објекти во регионот.
„Пазарите реагираат на секој сигнал од мировните преговори, а нивното отсуство ги зголемува стравувањата дека договор нема да биде постигнат“, изјави Џим Рид од „Deutsche Bank“.
Растот на цените на нафтата ги засили очекувањата дека централните банки би можеле повторно да ги зголемат каматните стапки за да ја задржат инфлацијата под контрола, што веќе врши притисок врз пазарите на обврзници во САД, Европа и Обединетото Кралство.
Во Велика Британија приносот на десетгодишните државни обврзници достигна околу 5 отсто, додека долгорочните обврзници се искачија на приближно 5,7 отсто, близу највисоките нивоа во овој век.
„Колку подолго остане затворен теснецот, толку поголемо ќе биде негативното влијание врз глобалната економија“, предупреди Мохит Кумар од „Jefferies“.