Глобалните цени на храната растат трет месец по ред поради енергетски шокови и геополитички

Светските цени на храната повторно се во нагорна линија, со трет последователен месечен раст во април, покажуваат најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Зголемените трошоци за енергија и потресите на глобалните пазари, дополнително засилени од тензиите на Блискиот Исток, ја одржуваат храната под притисок.

Според ФАО, индексот на цените на храната во април достигнал просечни 130,7 поени, што претставува раст од 1,6% во споредба со март, како и зголемување од 2% на годишно ниво. Овој тренд укажува на постепено, но континуирано поскапување на основните прехранбени производи на светско ниво.

Најзабележливи поместувања се бележат кај житарките. Индексот на оваа категорија пораснал за 0,8% во текот на април, при што пченицата поскапела исто толку. Причина за тоа се климатските притисоци, особено сушата во делови од САД и очекуваните послаби врнежи во Австралија, што ја зголемува загриженоста за идната понуда.

Дополнителен фактор што ги турка цените нагоре се прогнозите за помала жетва во 2026 година. Земјоделците сè почесто се ориентираат кон култури кои бараат помалку ѓубриво, откако трошоците за ѓубрива значително пораснаа поради поскапата енергија и нарушувањата во синџирите на снабдување, вклучително и проблемите поврзани со Ормутскиот теснец.

И покрај овие притисоци, од ФАО пристигнува и порака за релативна стабилност. Главниот економист на организацијата, Максимо Тореро, нагласува дека глобалниот земјоделско-прехранбен систем и понатаму покажува издржливост, и покрај сложените геополитички и логистички предизвици.

Во меѓувреме, растот не застанува ниту кај растителните масла. Овој сегмент забележал скок од 5,9% во однос на март, достигнувајќи највисоко ниво од јули 2022 година. Особено силен пораст е регистриран кај цените на палминото, соиното, сончогледовото и репковото масло, што дополнително ја нагласува пошироката инфлациска динамика на пазарот на храна.