Агенциите велат дека побарувачката никогаш не била порационална, додека градежниците сè почесто добиваат барања за монтажни домови наместо класична градба

Ако пред само неколку години најпосакувана инвестиција беше голем семеен стан во централното градско подрачје, денес сликата на пазарот е сосема поинаква. Купувачите стануваат попретпазливи, внимателно ги пресметуваат месечните трошоци и сè почесто се одлучуваат за помали станови, плацови на периферијата или монтажни куќи кои можат да се изградат за значително пократок период и со помали трошоци.

Токму овие три категории — мали станови, градежни плацови и монтажни куќи се најбарани на домашниот пазар. Агенциите за недвижности велат дека интересот за гарсониери и двособни станови е најголем затоа што тие најлесно се финансираат преку станбен кредит, а истовремено најбрзо се издаваат доколку сопственикот подоцна одлучи да ги претвори во инвестиција.

-Денешниот купувач не размислува само каде ќе живее. Станот го гледа како инвестиција, размислува и колку лесно ќе може да го продаде станот ако се променат околностите. Малите станови се најбарани и никогаш не остануваат долго на пазарот – велат од една скопска агенција за недвижности.

Според нив, најголем интерес има за станови од 35 до 60 квадратни метри, особено во Аеродром, Карпош, Центар, Кисела Вода и Гази Баба, каде што побарувачката останува стабилна без оглед на високите цени.

Плацови на периферија

Паралелно со тоа, расте интересот и за градежни парцели надвор од централното градско подрачје. Купувачите бараат земјиште во Пинтија, Сопиште, Зелениково, Илинден, Петровец и другите приградски населби каде што можат да изградат семејна куќа со двор. На тие плацови сè почесто никнуваат монтажни куќи.

-Последните две години имаме драматично зголемување на интересот за монтажни куќи. Луѓето сакаат побрзо да се вселат, а истовремено да имаат свој двор и поголема приватност отколку во станбена зграда. Денес една квалитетна монтажна куќа може да биде готова за неколку месеци, а трошоците се значително попредвидливи отколку кај класичната градба – вели сопственик на компанија за изградба на монтажни куќи.

Тој додава дека сè почесто купувачите прво обезбедуваат плац, а потоа бараат готов проект. И агентите за недвижности забележуваат дека психологијата на купувачите се менува.

-Пред пет години најчесто бараа квадратура, се купуваа станови за живеење. Денес бараат месечна рата што можат да ја поднесат. Ако со истите пари можат да купат мал стан кој лесно ќе го издаваат или плац на кој ќе изградат куќа, изборот многу често паѓа на втората варијанта – велат агенциите.

Градежните компании веќе се приспособуваат на ваквите промени.

-Новите проекти содржат многу повеќе еднособни и двособни станови отколку порано. Пазарот јасно покажува што се бара. Денес подобро се продаваат два помали стана отколку еден голем – велат од градежните фирми.

Расте продажбата, паѓаат договорите за закуп

Трендот го потврдуваат и најновите бројки од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности. Во периодот од април до јуни биле регистрирани 8.369 трансакции, што претставува раст од 7,9 проценти во споредба со првиот квартал. Од нив 6.221 биле купопродажби, а 2.148 договори за закуп.

родажбите бележат раст од 20,2 проценти, додека бројот на закупи е намален за 16,8 проценти.
Особено силен раст има кај новоградбите. Во вториот квартал се реализирани 977 продажби од инвеститори, што е 31,8 проценти повеќе отколку во претходниот квартал. Од нив 943 се новоизградени станови, што претставува раст од 32 проценти.

Во Катастарот во моментов се заведени 28.352 станови во изградба, што покажува дека понудата дополнително ќе се зголемува во следните квартали. Становите остануваат убедливо најбараниот тип недвижност. Тие учествуваат со 35 проценти од сите купопродажби, а бројот на продадени станови е зголемен за 37 проценти, додека нивната финансиска вредност пораснала за 43 проценти.
Најголема активност повторно има во Скопје. Општина Аеродром е лидер со 600 трансакции, следуваат Центар со 571, Карпош со 486, Гази Баба со 434, додека надвор од главниот град најактивна е Битола со 405 трансакции.

Податоците покажуваат дека најскапите станови и понатаму се продаваат во централното градско подрачје. Кај старите станови, највисока просечна цена има Општина Центар со 119.914 денари за квадратен метар, пред Карпош со 111.806 денари, Аеродром со 108.081 денар и Кисела Вода со 103.878 денари. Рекордната продажба е забележана во Охрид, каде што стан од 66 квадратни метри бил продаден за 211.200 евра, односно по цена од 197.408 денари за квадратен метар.

Кај новоградбите повторно води Центар, каде што просечната цена достигнува 117.657 денари за квадрат, а најскапиот нов стан е продаден по 206.640 денари за квадратен метар, односно 168.000 евра за стан од 50 квадрати.

На пазарот на закупи, иако бројот на договори е намален, вредноста на закупнините продолжува да расте. Во вториот квартал биле регистрирани 2.148 договори за закуп, но вкупната месечна вредност достигнала околу 1,2 милиони евра, што е девет проценти повеќе од претходниот квартал. Најголем удел имаат деловните простории со 44 проценти, потоа становите со 29 проценти, куќите со 11 проценти и земјоделското земјиште со 10 проценти. Најголем број закупи повторно има во Центар – 286, пред Аеродром со 197, Карпош со 173, Битола со 129 и Кисела Вода со 105 договори.

Кириите остануваат највисоки во Центар, каде што просечната месечна закупнина достигнува 408 денари за квадратен метар, додека во Аеродром изнесува 375 денари, во Карпош 354, а во Кисела Вода 326 денари за квадрат. Кога ќе се земат предвид сите показатели, тие откриваат јасен правец во кој се движи домашниот пазар на недвижности. Купувачите сè помалку купуваат квадрати „за престиж“, а сè повеќе бараат имот што ќе биде финансиски одржлив, лесен за препродажба и исплатлив како инвестиција. Малите станови, монтажните куќи и плацовите во приградските населби повеќе не се алтернатива – тие стануваат новото лице на македонскиот пазар на недвижности.