Во Охрид се одржа дводневна медиумската студиска тура и работилница, во организација на KfW заедно со Министерството за образование и наука, како партнер во спроведувањето на проектот и Делегацијата на Европската Унија во Скопје. На настанот земаа учество клучните чинители и партнери на проектот, како и дел од националните и локални македонски медиуми.
На работилницата беа претставени досегашните резултати од проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во Северна Македонија“, кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) за Западен Балкан и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Проектот опфаќа темелна обнова на девет државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со попреченост и еден ученички дом за средношколци во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес. Повеќето од овие згради се изградени во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, а студентскиот дом во Битола потекнува уште од 18 век, тие станаа застарени и со децении чекаат темелна обнова. Во срцето на проектот е длабока енергетска рехабилитација: обнова на објектите според современи енергетски стандарди, од конструктивна стабилност до системи што трошат енергија.
Принципот на реконструкцијата е холистички и не се сведува само на воведување енергетска ефикасност. Другите мерки, како обнова на санитарните инсталации и електричната опрема, мерките за безбедност или подобрувањето на заедничките простории за учење — ќе донесат нова, современа средина за живот и учење за повеќе од 5.000 студенти и ученици. Дополнително, таму каде што е соодветно ќе се применат и решенија за обновлива енергија. Еден од клучните елементи ќе биде и поттикнувањето промени во однесувањето на студентите, учениците и вработените кон поголема енергетска свесност.
„Најевтината и најчистата енергија е онаа, која никогаш не ја трошиме. Со повеќе од 21 милион евра грантови од Европската Унија преку REEP и WBIF, оваа инвестиција ги намалува емисиите и истовремено ја менува секојдневната реалност на илјадници студенти и ученици. Ова е Зелената агенда во својата најопиплива форма и дел од патот на Северна Македонија кон Европската Унија.“, вели Стефано Елеро, Шеф на Сектор за соработка, при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
Проектот се спроведува во три фази.
Фаза 1 опфаќа два дома: „Стив Наумов“ во Скопје, каде што наскоро се очекува завршување и предавање на објектот во употреба; „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, кој треба да биде завршен најдоцна до крајот на годината.
Фаза 2 ги опфаќа преостанатите седум домови, со тендери во завршна фаза, а наскоро се очекува да започнат реконструктивните активности и во „Никола Карев“ во Охрид.
Фаза 3 ги опфаќа ресурсните центри и ученичкиот дом, а проектирањето започна во април оваа година. Проектот се очекува да биде завршен во 2031 година.
Четири домови — во Охрид, Прилеп, Штип и домот „Томе Стефановски Сениќ“ во Скопје — ќе бидат обновени според уште повисок стандард, близу до нивото на згради со речиси нулта потрошувачка на енергија (NZEB), со стручна проектантска поддршка од германскиот Фраунхофер институт.
„Она што новинарите го видоа не е визуелизација, туку завршена зграда. Ова е темелна рехабилитација — сè се обновува, од конструкцијата до системите, кои трошат енергија — и токму затоа намалувањето на потребата за енергија е околу 56 отсто по дом, а не десет или петнаесет. Четири згради одат чекор понатаму, близу до NZEB стандардот, со проектантска поддршка од Фраунхофер институтот.“, вели Роберт Шарламанов од KfW Скопје.
По обновата, вкупната потреба за енергија по дом се намалува за просечно 56 проценти, а емисиите на CO₂ за 49 проценти. На ниво на целиот проект тоа значи заштеди од 7.700 MWh годишно и 3.400 тони CO₂ годишно, при што обновливите извори учествуваат со околу 12 проценти во потрошувачката на енергија.
„За KfW ова е долгорочна обврска — до 2031 година, низ три фази, финансирана преку комбинација на заеми, грантови и поддршка од Европската Унија. Токму грантот овозможува сериозна и темелна, а не козметичка обнова: без неа, работите би биле поплитки, а заштедите далеку помали. Она што се добива е инфраструктура што ќе троши помалку енергија во годините што доаѓаат.“, вели Оливер Јунгер, портфолио менаџер, од Развојна банка KfW, Франкфурт.
Вкупниот расположлив буџет изнесува 85,56 милиони евра: заеми од KfW во износ од 60 милиони евра; грантови од Европската Унија во износ од 21 милион евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF); и 3,85 милиони евра од Министерството за образование и наука.
Реализација на проектот ќе трае до декември 2031 година. Се очекуваат и дополнителни финансиски средства, со што проектот во перспектива би надминал 100 милиони евра.