Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека светот минува низ длабоки економски промени и дека земјите од БРИКС имаат сè поголема улога во глобалната економија. Говорејќи на Деловниот форум на БРИКС во Њу Делхи, тој повика на продлабочување на економските партнерства и посигурни деловни врски меѓу земјите членки.
Путин истакна дека продлабочувањето на економската соработка може да придонесе за постабилни односи и полесно надминување на глобалните кризи.
Според него, земјите од БРИКС во изминатите пет години учествуваат со повеќе од 40 отсто во глобалниот БДП, додека уделот на Г7 изнесува околу 29 отсто. Тој оцени дека растот на БРИКС е поттикнат од динамичните домашни пазари и брзата урбанизација.
Рускиот претседател ги обвини западните земји дека се обидуваат да ја вратат својата поранешна водечка позиција преку, како што рече, „непристојни“ форми на конкуренција. Тој посочи на ограничувања, блокирање на транспортни коридори, запленување пловни објекти и воведување санкции.
„Кога станува збор за Русија, воведени се повеќе од 30.000 санкции. Тоа е речиси двојно повеќе од бројот на санкциите против сите други земји во светот заедно“, рече Путин.
Тој оцени дека надворешниот притисок придонел за структурни промени во руската економија, која, според него, станала посилна и поотпорна. Путин наведе дека рускиот БДП од 2023 до 2025 година пораснал за 10,3 отсто, додека невработеноста се намалила на 2,3 отсто, што претставува историски минимум, според неговите зборови.
Путин посочи и на развојот на вештачката интелигенција, автономните системи, дигиталните платформи и современите финансиски инструменти, нагласувајќи дека Русија развива сопствени технолошки решенија и соработува со партнерите од БРИКС.
„Наша заедничка задача е да го искористиме потенцијалот на БРИКС за доброто на нашите земји“, порача Путин.
Тој нагласи дека БРИКС не се стреми кон изолација и дека е подготвен за соработка со сите земји во светот.