Македонското аграрно стопанство се соочува со една од најтешките кризи во последните неколку децении. Овчарството е пред целосен колапс, посебно по избивањето на болеста сипаници кај добитокот. Оваа болест донесе алармантни бројки на угинати овци, а сточарите реагираат дека сè уште ги нема најавените вакцини. Според нивните проценки, штетата во оваа гранка веќе достигнува околу еден милион евра.​Дополнителен удар за сточарите е неисплаќањето на државната помош. Исто како и одгледувачите на крави, тие сè уште ги немаат добиено субвенциите за 2024 и 2025 година, а не им се исплатени ниту средствата за предаденото млеко за оваа и за минатата година.

Тешка е состојбата и кај лозарите од Тиквешијата и останатите региони во земјава, кои бараат итно воведување на кризна мерка за да се ублажат огромните загуби со кои се соочуваат оваа сезона. Лозарите алармираат дека дури 70 проценти од родот скапува по нивите. Поради тоа, бараат итна дополнителна кризна мерка од 250.000 денари по хектар, независно од тоа дали грозјето е обрано или останало на лозовите насади.

Земјоделците и сточарите и испорачаа ултиматум на Владата — рок од една недела да постапи по нивните барања и да понуди конкретни решенија. Доколку надлежните не реагираат во дадениот рок, тие најавуваат излегување на улица и организација на масовни протести низ целата држава.