Големите даночни обврзници учествуваат со повеќе од 40 проценти во вкупно остварените даночни приходи во земјава, беше истакнато на одбележувањето на 20-годишнината од основањето на Дирекцијата за големи даночни обврзници во рамки на Управата за јавни приходи.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека формирањето на Дирекцијата пред две децении било една од позначајните реформи во даночната администрација, со цел да се воспостави специјализиран пристап кон најголемите компании во земјата.
Според неа, ваквиот модел овозможува поинтензивна комуникација со компаниите, подобро следење на нивното работење и поефикасно управување со даночните обврски.
„Компаниите кои ги опфаќа Дирекцијата се меѓу најзначајните носители на економската активност во земјата, инвестираат, вработуваат, создаваат додадена вредност и имаат значително учество во полнењето на Буџетот“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека улогата на Дирекцијата не се сведува само на наплата на јавните приходи и контрола на примената на даночните прописи, туку и на создавање професионален однос и поголема предвидливост за бизнис-секторот.
Според министерката, стабилниот и предвидлив даночен систем е еден од клучните предуслови за компаниите при носење долгорочни одлуки за инвестиции, нови вработувања и проширување на производството.
Е-фактура како дел од дигитализацијата
На настанот беше посочено дека во следниот период фокусот ќе биде ставен на понатамошна модернизација и дигитализација на даночната администрација.
Како еден од позначајните проекти беше издвоена Е-фактурата, чија имплементација е започната во Управата за јавни приходи и која треба да биде дел од пошироката дигитална трансформација на системот на јавни финансии.
Очекувањата се новиот систем да придонесе за побрзи административни постапки, намалување на товарот за компаниите, како и поголема следливост и сигурност во трансакциите.
Димитриеска-Кочоска се осврна и на средствата обезбедени од унгарската Експорт-импорт банка, кои се пласираат во домашната економија под поволни услови. Според неа, тие придонеле компаниите да започнат инвестициски циклус во вредност од близу 300 милиони евра.
Измени во даночната регулатива
Министерството за финансии продолжува и со усогласување на даночната регулатива со европските и меѓународните стандарди.
Како дел од овие активности беше посочено усвојувањето на Законот за минимален глобален данок на добивка, додека во подготовка се и измени на Законот за даночна постапка.
Со предложените измени се предвидува воведување жалбена постапка како правен лек против управните акти донесени во даночните постапки.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека модернизацијата на даночниот систем, според политиките на Министерството, не треба да значи зголемување на даночното оптоварување.
Таа посочи дека Владата останува на концептот на рамен данок, со образложение дека таквиот модел им овозможува на компаниите поголема предвидливост при планирањето на инвестициите и идниот развој.
Дирекцијата за големи даночни обврзници функционира во рамки на Управата за јавни приходи веќе две децении, а нејзината основна задача е администрирање на даночните обврски на најголемите компании во земјата.