Според податоците на Чешката асоцијација за е-трговија (APEK), бројот на пратки од кинеските онлајн платформи значително се намалил во Чешка во јули 2026 година. Кај „Тему“, падот изнесува 50 % во однос на тој месец лани, кај „Шеин“ 40 %, а кај „Али експрес“ дури 60 %.

Падот доаѓа во период кога Европската Унија воведе нови царински давачки за нисковредносните пратки до 150 евра од земјите надвор од ЕУ. Дополнителни промени се најавени и од 1 ноември, со што царинењето ќе се пресметува според тарифната категорија на секоја ставка во пратката.

Како одговор на новите правила, платформите како „Тему“ отвораат магацини во Европа и се потпираат на продавачи лоцирани во земјите на ЕУ.

И покрај падот на европскиот пазар, „Тему“ во септември имал повеќе од 464 милиони активни корисници на глобално ниво. Бројот е намален за 9 % на годишно ниво, но во САД платформата бележи раст од 6 %, со околу 75 милиони корисници.

За македонските потрошувачи, новите царински давачки на ЕУ не се применуваат. Македонија не е членка на ЕУ, па за пратките од ваквите платформи продолжуваат да важат досегашните правила и давачки на Царинската управа.