Податоците на УЈП за 2025 година покажуваат дека четиригодишно дете остварило 3,1 милион денари од дивиденда, додека 97-годишен пензионер пријавил доход од 1,089 милиони денари.
Најмладиот милионер во државата има само четири години и во 2025 година остварил 3,1 милион денари од дивиденда. Највозрасниот милионер, пак, има 97 години и пријавил доход од 1,089 милиони денари, од кои 59 проценти се од пензија, а остатокот од дивиденда.
Ова го покажуваат најновите податоци на Управата за јавни приходи (УЈП), според кои минатата година биле изготвени претпополнети годишни даночни пријави за околу 863 илјади граѓани. Вкупниот бруто-доход изнесува 612,9 милијарди денари, а пресметаниот данок на личен доход достигнува 39,8 милијарди денари.
Во споредба со 2024 година, бројот на граѓани со оданочив доход е зголемен за 82.702 лица, додека бројот на поднесени даночни пријави е повисок за 10,6 проценти. Вкупниот бруто-доход и пресметаниот данок бележат раст од околу 14 проценти.
Највисоката дивиденда достигнала 252,6 милиони денари
Според директорката на УЈП, Елена Петрова, меѓу најинтересните податоци се оние за највисоките поединечни доходи.
„Највисоката годишна бруто-плата изнесува 139,1 милиони денари, додека највисоката дивидендае 252,6 милиони денари, а највисоката капитална добивка е 164,2 милиони денари. Највисокиот доход од самостојна дејност е 157,9 милиони денари“, рече Петрова на брифинг со новинарите.
Највисокиот вкупен доход во 2025 година изнесува 257,5 милиони денари и го остварил граѓанин од Гевгелија преку плата, дивиденда и друг доход исплатен од една компанија. Вториот највисок доход е регистриран кај граѓанин од Охрид, кој остварил 254,4 милиони денари.
Не се заработува само од плата
Платите и натаму се главен извор на доход и сочинуваат околу две третини од вкупниот бруто-доход. Пензиите учествуваат со 9,5 проценти, другите лични примања од работа со 8,2 проценти, додека доходот од земјоделски производи, дивиденди и капитал учествува со нешто помалку од пет проценти.
Плата оствариле околу 596 илјади граѓани, доход од самостојна дејност 15 илјади лица, а од продажба на сопствени земјоделски производи 49 илјади граѓани. Дивиденди биле исплатени на 33 илјади лица, додека друг доход оствариле 145 илјади граѓани.
Регионалните податоци покажуваат дека најголем дел од даночните пријави се поднесени во Скопје. Главниот град учествува со 36 проценти во вкупниот број пријави и со 43 проценти во вкупниот бруто-доход. Просечниот годишен доход по пријава изнесува 846 илјади денари, што е највисоко ниво меѓу сите региони.