Скопското Тиго и тетовското Фикс кредит, дознава Пари, се двете финансиски друштва кои добиле времена забрана за одобрување кредити во времетраење од 30 дена.
Министерството за финансии реагирало по пријави од незадоволни граѓани. При спроведениот вонреден надзор биле утврдени неправилности во работењето на двете друштва, кои нудат кредити преку поедноставена и брза процедура.
Тиго е едно од маркетиншки најекспонираните финансиски друштва во земјава. Според податоците од неговата веб-страница, досега се одобрени 242.426 кредитни барања, односно 60 проценти од поднесените апликации. Вкупната вредност на исплатените кредити достигнува 6,4 милијарди денари, или над 104 милиони евра.
Според податоците, пак, од Бизнис Мрежа, Во 2025 година Тиго фајнанс остварило приближно 21,25 милиони евра приходи и 4,41 милион евра добивка. Приходите се намалени за 6,6 отсто, а добивката за речиси 12 отсто во однос на претходната година. Има 178 вработени.
Фикс кредит е финансиско друштво со седиште во Тетово, кое располага со дозвола за работа издадена на 16 декември 2022 година. Друштвото е специјализирано за одобрување краткорочни кредити на физички лица.
Во 2025 година Фикс кредит остварило вкупни приходи од 786 илјади евра, односно минимално се намалени – за 0,2 отсто во однос на 2024 година. Нето-добивката изнесувала 272,6 илјади евра, што е пад од 20,46 отсто на годишно ниво. Истовремено, бројот на вработените се зголемил од 16 на 29лица.
Овие две финансиски друштва, освен забраната за работа, ќе мора да платат и казна, согласно законските прописи, информираше денес Министерството за финансии.