Речиси секој трет економски активен млад човек во државата е без работа, додека на ниво на Европската унија просекот изнесува 15,6 отсто.

Македонија се наоѓа на третото место во Европа по висината на младинската невработеност со стапка од 29 отсто во вториот квартал од 2026 година, покажуваат податоците на Евростат. Полоша состојба меѓу 35 анализирани европски држави имаат само Босна и Херцеговина со 32,2 отсто и Романија со 30,7 отсто.

Статистиката го опфаќа населението во работната сила, односно младите на возраст од 15 до 24 години кои работат или активно бараат вработување. На ниво на Европската унија, младинската невработеност во вториот квартал од 2026 година изнесува 15,6 отсто, што е трипати повеќе од стапката кај возрасните од 25 до 74 години, која изнесува 5,2 отсто.

Меѓу 35 европски земји вклучени во анализата на „Еуроњуз“, најмалку една петтина од младите на пазарот на труд не можат да најдат работа во десет држави. По Босна и Херцеговина (32,2 отсто), Романија (30,7 отсто) и Македонија (29 отсто), следуваат Шведска со 24,9 отсто, Србија со 24,2 отсто и Шпанија со 23,9 отсто.

Високи стапки бележат и Финска (23,2 отсто), Естонија (22,8 отсто), Франција (21,6 отсто) и Хрватска (20 отсто). Во овие држави, главната пречка за младите е доаѓањето до првото работно место и стекнувањето искуство што го бараат работодавачите.

На спротивниот крај од табелата, најниска младинска невработеност во Европа имаат Малта со 6,8 отсто и Германија со 7,3 отсто. Под прагот од десет отсто се и Холандија (8,6 отсто), Швајцарија (9,2 отсто) и Австрија (9,7 отсто).

Податоците покажуваат остри разлики меѓу четирите најголеми економии во Европската унија. Додека Германија држи стапка од 7,3 отсто, во Италија таа достигнува 18,2 отсто, во Франција 21,6 отсто, а во Шпанија 23,9 отсто.

Споредбата на стапките меѓу двете возрасни групи открива дека ниската вкупна невработеност не значи автоматски лесен влез на младите на пазарот на труд. Најголем јаз има во Романија, каде младинската невработеност е за 25,5 процентни поени повисока од онаа кај возрасните, односно 5,9 пати поголема.

Во Хрватска и во Обединетото Кралство, стапката кај младите е најмалку петпати повисока отколку кај повозрасните работници. Во Хрватска без работа се 20 отсто од младите наспроти 3,8 отсто од возрасните, додека во Обединетото Кралство, според податоците на ОЕЦД за септември 2026 година, односот е 15,6 отсто наспроти 3,1 отсто.

Слична појава се бележи и во Полска, Чешка и Норвешка. Иако младинската невработеност таму е под европскиот просек, таа е околу четирипати повисока од стапката кај повозрасната популација.

Раководителката на Одделот за анализа на вработеноста и економски политики при Меѓународната организација на трудот (МОТ), Сара Елдер, вели дека одреден јаз е очекуван поради недостигот од работно искуство и фактот што студентите и учениците кои не бараат работа не влегуваат во пресметката на работната сила. Според неа, однос меѓу 2 и 3 се смета за природна основа, но сè над тројка укажува на сериозни системски бариери.

Елдер посочува дека ниските стапки и малиот јаз во Австрија, Германија и Швајцарија се резултат на дуалниот образовен систем и субвенционираните програми за платена пракса во техничките струки. Професорот Михаел Зигенталер од Швајцарскиот економски институт (КОФ) при ЕТХ Цирих дополнува дека ваквиот модел директно ја спојува наставата во училница со практична обука во компаниите.

Почесниот професор на Универзитетот „Карлос Трети“ во Мадрид, Хуан Х. Доладо, предупредува дека јазот е најголем во земјите каде младите влегуваат на пазарот преку краткорочни договори на определено време. Честите откази и кратките ангажмани на почетокот на кариерата, вели Доладо, оставаат долгорочни последици врз нивниот натамошен професионален развој.