За корисниците на инвалидски пензии се предвидуваат и задолжителни контролни прегледи. Со новиот закон се предвидуваат нови услови за семејна пензија, но и регистар на работните места со бенефициран стаж

Контролни прегледи за корисниците на инвалидски пензии, ревизија на медицинските наоди и на пензиските решенија, електронско водење на постапките и нов регистар за работните места со бенефициран стаж – ова се дел од новините што ги предвидуваат измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Се предлага и можност за исплата на аконтација додека се решава пензискиот предмет, како и нови услови за остварување семејна пензија.

Предложените законски измени предвидуваат поголема дигитализација, поедноставување на административните постапки, но и построги механизми за проверка на исполнетоста на условите за користење на пензиските права.

Една од најзначајните новини се однесува на корисниците на инвалидска и семејна пензија врз основа на неспособност за работа. Се предвидува единствен пристап при процената, а наодите и мислењата ќе се користат за остварување права од инвалидското осигурување, вклучително и инвалидска пензија, семејна пензија и права врз основа на телесно оштетување.

За корисниците на инвалидски пензии се предвидуваат и задолжителни контролни прегледи. Тие ќе се вршат најрано една година по утврдувањето на инвалидноста, а ќе може да се спроведат најмногу двапати до навршување на 65 години, освен за одредени заболувања што ќе бидат изземени со посебен акт.

Доколку корисникот не се јави на задолжителниот контролен преглед или со новата процена не се потврди инвалидноста, односно неспособноста за работа, правото на пензија ќе престане. До донесувањето на решението по контролата ќе се исплаќа времена пензија, по што, доколку не се потврдат условите, ќе се запре исплатата.
Предвидена е и задолжителна ревизија на медицинските наоди, оценки и мислења врз основа на кои се утврдува инвалидноста. Ревизијата ќе ја врши посебна комисија формирана од министерот за социјална политика, демографија и млади, составена од медицински стручни лица. Ќе може да се проверуваат и мислењата со кои не е утврдена инвалидност, по случаен избор.

Ќе има аконтација за пензија

Измените предвидуваат целосно електронско водење на постапките за остварување права од пензиското и инвалидското осигурување. За секој предмет ќе се формира електронско досие, а документите што граѓаните ќе ги доставуваат, ќе се скенираат и ќе станат дел од електронскиот предмет.

Новина е и можноста за исплата на аконтација на пензија. Доколку осигуреникот ги исполнува условите за пензионирање, но не може да се донесе конечно решение поради нерешено претходно прашање, Фондот ќе може да донесе привремено решение и да определи исплата врз основа на податоците со кои располага. Значајни промени се предвидуваат и за работните места со бенефициран стаж. Ќе се формира петчлена комисија за утврдување и ревизија на работните места.

Работодавачите или репрезентативните синдикати ќе можат да поднесуваат барања до Министерството за социјална политика, демографија и млади за утврдување нови работни места со бенефициран стаж, ревизија на постојните или промена на степенот на зголемување на стажот. Кон барањето ќе треба да се приложи елаборат изработен од овластено правно или физичко лице, а трошоците за неговата изработка ќе ги плаќа подносителот. Комисијата ќе врши и непосреден увид на работното место, по што ќе дава стручно мислење за условите и изложеноста на работниците на ризици и штетни влијанија.

Предвидено е и формирање електронски регистар на работни места со бенефициран стаж. Работодавачите ќе имаат обврска да ги внесуваат податоците за работните места и да ги приложуваат актите за систематизација. Членовите на комисијата ќе добиваат месечен надоместок до 20 проценти од просечната месечна нето-плата исплатена по работник во државата.

Нови услови за семејна пензија

Предлогот предвидува и проширување на категориите лица што можат да остварат право на семејна пензија. Се додаваат лица што вршеле родителска должност и биле вклучени во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.
Тие ќе можат да остварат право на семејна пензија доколку по престанокот на осигурувањето навршиле 50 години, под услов родителската должност да им престанала по наполнети 45 години.
Со ова решение се предвидува поголема социјална заштита на лицата што поради родителските обврски имале ограничено учество на пазарот на трудот.