До редакцијата на БанкоМетар.мк пристигна следното писмо од Здружението на Матични лекари на Македонија па за таа цел го пренесуваме интегрално:

„Почитувани,

Сакаме да ја информираме јавноста преку Вашиот ценет медиум за следната апсурдна ситуација која веруваме дека јавноста не е запознаена. Имено, сакаме да информираме и да апелираме до Фондот за Здравство и државата дека матичните лекари, како прв филтер во борбата со пандемијата со ковид-19 сеуште немаат земено капитација во месец април. Обично се исплаќаше до 5-ти во месецот, а сега еве дојде и средина на месецот и државата нема никаква реакција во врска со овој горлив проблем. Дали треба да ја потсетиме државата дека матичните работат без одмор од почетокот на пандемијата? Дека секој ден сите суспектни болни прво ги прегледуваат а потоа ги праќаат на тестирање? Дека матичните скоро 90% од заболените кои не се хоспирализирани ги третираат од случај до случај, со задолжителни јавувања секој ден? Дали државата и фондот заборави за напорот и херојските усилби кои матичните ги даваат секој ден, без застој веќе над година дена? Зарем ние, како фела, заслуживме во време на оваа страшна пандемија да бидеме заборавени и изоставени од државата?

А, во меѓувреме, како што дознавме, на шумската полиција платите пораснале за 30%. Со целосен респект за секоја професија, но не може никој да не убеди дека баш во овој момент, кога Фондот нема пари за нас, да ја подига платата за некој кој цел ден го поминав на чист воздух во планина, додека ние, угушени со по две маски, скафандер и визир Ве прегледуваме.

Ова лудило мора да престане! Матичните лекари имаат и фиксни трошоци кои мора да ги плаќаат редовно секој месец. Ако се продолжи со оваа пракса и темпо, и преостанатите колеги ќе ги спакуваат куферите и ќе одат во некоја западноевропска земја, а Вас уважени господа потоа нека Ве лечат шумарите по планините.

Со почит,

Огорчени матични лекари од југоистокот“