И покрај тоа што засега има резерви на гас, доколку дојде до конфликт меѓу Русија и Украина, веројатноста дека ќе останеме без гас е голема. Поради тоа, компаниите што го користат овој енергенс во своето производство, мора да почнат да размислуваат за негова замена со течен нафтен гас или со мазут. Во спротивно, може да дојде до прекин на производството и до затворање на фабриките

Доколку Русија ја прекине испораката на гас во Европа поради кризата со Украина, може да настрада и Македонија. Сепак, експертите смируваат дека линијата од која се снабдува нашата држава со гас не е врзана со Европа, што е олеснителна околност. Но, сепак, прекинот на испораката на руски гас ќе претставува удар за голем дел од компаниите што го користат овој енергенс во своето производство. Доколку дојде до прекин на дотокот на руски гас, според експертите, компаниите ќе мораат да се преориентираат на друг енергенс, течен природен гас или мазут. Од друга страна, освен што ќе го нема, гасот ќе биде и многу скап, бидејќи, како на струјата така и неговата цена ќе расте во наредните три години.

Според универзитетскиот професор Константин Димитров, Македонија нема резерви на гас како другите европски земји и е директно врзана за гасот од Русија.

– Ние немаме резерви на гас, а единствената резерва е гасот што се наоѓа во мрежата за пренос на природен гас. Така што, во моментов, резервите на гас во Македонија се во директна зависност од акумулативната способност на цевководот. Олеснителна околност е што линијата преку која се снабдуваме ние со гас, не е врзана со Европа, туку со Турција. Па така, прекинот на испораката на рускиот гас во Европа нема баш да нè погоди. Доколку дојде до прекин на гас, компаниите ќе мора да се преориентираат на течен нафтен гас или на мазут или, пак, да прекинат со производството – вели за ВЕЧЕР Димитров.

Алармот во Владата и во бизнис-коморите е вклучен. Будно се следи состојбата и се бараат алтернативи, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.

– Колку што е лошо што имаме еден ресурс на енергија како што е гасот само од Русија толку е добро затоа што преку гасот ние не произведуваме доволна количина електрична енергија, значи, не сме зависни од него како таков. За жал, евентуалното стопирање на гасот ќе влијае врз стопанството. Но, будно ги следиме состојбите и таму, најверојатно, сите заедно со стопанството ќе треба да мислиме кои се алтернативите – изјави Битиќи.

Според него, доколку дојде до прекин на гас, компаниите што користат
гас како енергенс, можат лесно да се префрлат на мазут кој, иако не е добар за животната средина, сепак, во оваа ситуација, би бил нужно решение.

И според експертите, мазутот може да биде алтернатива за гасот и покрај тоа што, заедно со јагленот, е на листата на загадувачи на животната средина.

– Според информациите што ги добиваме од Меѓународната агенција за енергетика, Македонија ќе има руски гас до крајот на март. Но, доколку дојде до конфликт со Украина, веројатноста дека ќе останеме без гас е голема. Една од алтернативите за замена на гасот е мазутот, а Владата мора да обезбеди мазут за да продолжи со работа и ТЕЦ „Неготино“. Доколку не набавиме мазут, ќе останеме и без електрична енергија – вели за ВЕЧЕР енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Инаку, цената на гасот не е многу покачена и според експертите, додека не се стабилизира состојбата меѓу Русија и Украина, таа нема да престане да расте. Очекувањата се дека цената на гасот, како и на струјата, ќе расте во наредните три години.

За експертите, прекинот на испорака на гас е најнепосакуваното сценарио што може да ни се случи, бидејќи ќе нема гас за индустријата. Земјава годишно троши по 400 милиони кубни метри гас.