Нема милионски приливи на средства од Србија кон Македонија преку сметките на клиентите на „Алта банка“ АД Битола, покажуваат податоците што ги проверила Народната банка. Ова го соопшти гувернерот Трајко Славески, демантирајќи ги тврдењата за големи парични приливи по завршувањето на изборите во Србија.
Според информациите што Славески ги објави на социјалните мрежи, по 26 октомври приливите од Србија кон Македонија преку клиентите на банката изнесувале околу 16.000 евра. Во спротивна насока, односно од Македонија кон Србија, биле регистрирани одливи од приближно 180.000 евра.
Гувернерот посочува дека станува збор за редовни трансакции на клиентите, поврзани со нивното работење, меѓу кои и плаќања за увоз на стоки од страна на мали и други бизниси.
Податоците се однесуваат на периодот по 26 октомври, односно по завршувањето на изборите во Србија.
Славески нагласува дека Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „Алта банка“ АД Битола и да ги презема сите активности во рамките на своите законски надлежности.
Како што наведува, целта е заштита на средствата на клиентите и зачувување на стабилноста на банката, но и на целокупниот банкарски систем.