Речиси 262 милиони евра помалку странски инвестиции влегле во земјава годинава, во однос на последниот квартал лани, што е резултат на лошите економски политики на власта, обвини денеска СДСМ, повикувајќи се на податоци од Народна банка. Според потпретседателката Каја Шукова, причина за тоа се нестабилната економска политика, замрзнатата европска агенда, партискиот популизам и нефункционалната дипломатија, со што актуелната влада за една година ја унишила деловната клима за странските инвеститори.
Шукова вели дека новиот ребаланс на буџетот е јасен показател дека економијата тоне. Демантираше ВМРО ДПМНЕ. Според владеачката партија, денес земјава има рекордни странски директни инвестиции од 1,2 милијарди евра, но се граделе и автопати, општините и бизнисите имале поддршка од над 500 милиони евра, се отворале нови фабрики и нови работни места. Спротивно на тоа, ВМРО ДПМНЕ го обвини својот политички опонент дека по седум години владеење оставил руиниран систем, нефункционални институции и опустошена буџетска каса.
Апсурд е СДС денес да говори за економија, бидејќи тие се истите кои го уништија животниот стандард, кои инфлацијата ја донесоа над 20%, кои го задолжија народот – јавниот долг во нивно време беше 65% од БДП. Лицемерно е СДС да говори за инвестиции и економија кога во нивно време државата дојде на раб на банкрот, платите доцнеа или не се исплаќаа со месеци за разлика од денес кога платите се добиваат на време, а Македонија е 4-та економија во Европа.
И додека препукувањата на релација власт-опозиција за тоа кој повеќе направил за економијата траат, во Собранието утре ќе продолжи расправата за ребалансот на буџетот, со кој Владата планира да собере повеќе пари од граѓаните од првично планираните, но и да потроши повеќе. Предвидени се пари за зголемување на инвестициите, платите и пензиите, но опозицијата обвинува дека тоа се прави само во функција на локалните избори кои ќе се одржат наесен.