Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, на средба со бизнисмени од регионалните комори во Прилеп, Битола и Кичево разговарал за проблемите со кои се соочуваат компаниите и за мерките потребни за поголем локален економски развој.
На состанокот, на кој присуствувале и градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски и претставници на Управниот одбор на Комората, како едно од клучните прашања биле посочени измените во Законот за јавни набавки, објави 4news.mk
Од Стопанската комора сметаат дека во постапките за јавни набавки поголемо значење треба да има квалитетот на понудата, наместо единствен критериум да биде најниската цена, како и да се разгледа можноста за поголемо учество на домашните компании.
Азески информирал дека Комората е подготвена да го поддржи поедноставувањето на постапките и процедурите за издавање дозволи, документи и други административни акти што компаниите ги обезбедуваат од државните институции.
Според Комората, ваквите промени треба да придонесат и кон поефикасна борба против корупцијата и поголема дигитализација на процесите.
На средбата било разговарано и за концептот „Недела неработен ден“, како и за Законот за празници. Било оценето дека за овие прашања е потребна поширока дебата поради различните ставови и искуства на компаниите.
Од Регионалната комора во Прилеп биле предложени и три конкретни иницијативи.
Првата се однесува на намалување или привремено укинување на царинските давачки за суровини за кои во одредени периоди нема доволно домашно производство. Според бизнис-заедницата, ограничената достапност на суровини и високите увозни давачки го отежнуваат обезбедувањето на потребните количини и ја намалуваат конкурентноста на домашните компании на странските пазари.
Втората иницијатива се однесува на измени на законските решенија поврзани со боледувањата. Компаниите посочуваат дека подолгите отсуства од работа може да предизвикаат дополнителни трошоци, потреба од ангажирање нов кадар или прекувремена работа, како и проблеми во организацијата на производството и исполнувањето на роковите.
Од Комората нагласуваат дека иницијативата не е насочена кон ограничување на правото на работниците на боледување или кон оспорување на медицинската проценка, туку кон подобра контрола на евентуалните злоупотреби.
Третото барање е санација и подобрување на патниот правец Прилеп – Ракле, кој, според компаниите, има големо значење за транспортот на стоки и суровини и за секојдневното функционирање на бизнисите во регионот.
На состанокот било оценето и дека нова и квалитетна патна и железничка инфраструктура, како и развојот на гасоводната мрежа, се клучни за понатамошниот развој на Пелагониско-преспанскиот стопански регион.