Со цел да се помогне на семејствата и поединците кои беа погодени од трагичниот пожар во Кочани на 16 март 2025 година, Фондацијата „Заедно за едно“ основана од Македонската банкарска асоцијација, започнa низа активности за финансиска помош и медицинска поддршка на настраданите и нивните семејства.

Во првата фаза од поддршката, Фондацијата веќе исплати еднократна финансиска помош за децата кои во несреќата загубија родител. Средствата се префрлени директно на платежните сметки на децата или нивните законски застапници.

Покрај тоа, Фондацијата обезбеди средства за набавка на ракавици за пасивна рехабилитација, како и апарати за компресивна крио-терапија, кои претставуваат клучна компонента во процесот на опоравување на дел од повредените лица.

Фондацијата „Заедно за едно“ е формирана за да обезбеди суштинска и континуирана поддршка за оние на кои таа им е најпотребна. Затоа, наскоро ќе биде објавен Јавен повик за пријавување на повредените лица, со цел распределба на дополнителна финансиска помош за покривање трошоци поврзани со медицински третмани и рехабилитација.

„Ова не е трагедија која брзо ќе се надмине и затоа обезбедивме средства кои ќе бидат распределени во повеќе сегменти и во повеќе фази, со цел да помогнеме во закрепнување на повредените. Ќе помагаме континуирано и на долг рок. Да бидеме Заедно за едно – денес, утре и сè додека не заздрават сите“, изјави д-р Маја Стевкова Штериева, претседател на Македонската банкарска асоцијација.

Срествата во Фондацијата се обезбедени преку донации од банки, штедилници, други финансиски институции, како и од хумани компании и поединци, и се наменети за лицата и семејствата кои се засегнати од трагедијата.

Македонската банкарска асоцијација и Фондацијата „Заедно за едно“, остануваат доследни на својата заложба — да бидат поддршка на заедницата и на земјата секогаш кога е најпотребно.