Финтек компанијата Revolut најави значително проширување на своето присуство во Европа преку отворање на нова регионална централа во Париз, креирање на 400 нови работни места и аплицирање за француска банкарска лиценца. Оваа стратегија е дел од планот на компанијата за инвестиции во вредност од над една милијарда евра во Франција во наредните три години.

Новата централа во Париз ќе служи како хаб за Западна Европа и ќе ги покрива операциите на Revolut во Франција, Германија, Шпанија, Италија, Португалија и Ирска. Одлуката за формирање на штаб во Франција е поткрепена со силниот раст на францускиот пазар, каде Revolut има повеќе од пет милиони корисници, и со поддршката од локалните институции.

Во рамки на проширувањето, компанијата планира да вработи најмалку 200 луѓе само во Франција, зголемувајќи го вкупниот број на вработени во земјата на над 500. Дополнително, се предвидува трансфер на околу 600 постојни вработени од други земји во Франција, со фокус на сектори како што се корисничка поддршка, развој на производи и кредитни услуги. Новите вработувања ќе бидат распределени и во останатите западноевропски пазари.

Revolut веќе поседува банкарска лиценца од Литванија, која ѝ овозможува да нуди основни банкарски услуги низ ЕУ. Меѓутоа, добивањето на француска банкарска лиценца би ѝ овозможило на компанијата да понуди поширок спектар на производи, како што се хипотекарни кредити, оврдрафт, инвестициски производи и мобилни услуги специфични за францускиот пазар.

Компанијата исто така најави назначување на Беатрис Коса-Думургиер, поранешен член на управни одбори на Сосиете Женерсл и БНП Парибас, за извршен директор на новата западноевропска централа. Таа ќе ја води експанзијата во регионот и ќе ја предводи комуникацијата со француските регулатори.

Со отворањето на регионална централа во Франција и поднесувањето апликација за локална банкарска лиценца, Revolut испраќа јасен сигнал за своите долгорочни намери на европскиот пазар и зајакнување на своето позиционирање како конкурентен играч во банкарскиот сектор. Оваа стратегија е исто така дел од поширокиот напор за подобро усогласување со регулаторните барања и за поддршка на растот на клиентската база, која само во Франција се очекува да достигне 10 милиони до 2026 година.

Останува да се види дали францускиот регулатор, ќе ја одобри лиценцата, но засега Revolut демонстрира решителност за продлабочување на своето присуство на еден од клучните европски пазари.