Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува дека разочарувачките резултати од инвестициите во вештачката интелигенција би можеле да предизвикаат корекција на финансиските пазари и да ја загрозат глобалната финансиска стабилност. Во најновиот Извештај за глобална финансиска стабилност, презентиран на годишните состаноци на ММФ во Бангкок, фондот ги издвојува корекцијата на пазарот поврзана со вештачката интелигенција, растот на приносите од обврзниците и сајбер-заканите како три клучни ризици за светските финансии- пишува Ројтерс.

Според ММФ, вреднувањето на акциите на технолошките компании и задолжувањето поврзано со развојот на вештачката интелигенција во голема мера се потпираат на очекувањата за високи идни приходи. Доколку тие очекувања не се остварат, акциите би можеле нагло да поевтинат, а компаниите би можеле да се соочат со потешкотии при отплатата на долговите.

– Доколку се појават прашања за тоа како да се заработи од вештачката интелигенција, инвестициите во акции ќе изгубат вредност, долгот може да биде потешко да се отплати, а очекуваните идни приходи можеби нема да се остварат – предупреди Џејсон Ву, заменик-директор на Одделот за анализа на глобалните пазари на ММФ.

Атанасиос Вамвакидис од ММФ оцени дека последиците од евентуалниот колапс не би останале ограничени само на финансиските пазари, туку би можела да се прелее и во реалната економија, преку пад на цените на активата и намалување на вкупната побарувачка.

Изложеноста на пазарите е зголемена поради растечката концентрација на вредноста во најголемите технолошки компании. Тие сега сочинуваат повеќе од 35 проценти од пазарната капитализација на индексот S&P 500, наспроти околу 12 проценти пред десет години. ММФ предупредува и на ризикот од циркуларно финансирање, при кое големите компании за вештачка интелигенција се финансиски поврзани со партнери кои можеби имаат послаби деловни резултати. Таквите врски би можеле дополнително да ги засилат последиците од евентуален пад.

Според анализата на фондот, развиените азиски берзи се меѓу најчувствителните на можен крах, додека еврозоната и Велика Британија се помалку директно изложени. Сепак, европските инвеститори во периодот од 2022 до 2026 година значително ги зголемиле вложувањата во американски акции, што претставува канал преку кој евентуалните загуби би можеле да се пренесат и во Европа.

Последиците би можеле да се почувствуваат и надвор од берзите, преку пад на цените на недвижностите, намалување на потрошувачката и забавување на меѓународната трговија. ММФ, сепак, проценува дека банкарскиот сектор во целина би останал отпорен дури и во сценарио на сериозен финансиски стрес.

И покрај предупредувањата за ризиците, ММФ ја зголеми прогнозата за глобалниот економски раст во 2026 година на 3,1 процент, од претходно проектираните 3 проценти во јули. Како една од причините се наведуваат силните инвестиции во инфраструктурата за вештачка интелигенција, кои ги надоместиле дел од негативните ефекти од повисоките цени на нафтата поради војната на Блискиот Исток.