Во текот на јули годинава, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) изврши плаќање во износ од 1.022.217.192 денари (16,5 милиони евра) на конзорциумот “Бехтел и Енка”, кој е ангажиран како изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола).
Според Набљудувачкиот извештај за напредокот на работите, во текот на јули, изведувачот продолжил со реализација на активности кои се однесуваат на геотехнички истражувања, дизајн и спецификации на автопатот, планирање на експропријација, активности за проверка на неексплодирани убојни средства, како и активности за привремено регулирање на сообраќајот, мобилизација и градежни работи, главно земјени работи, дренажа и конструкции.
Активностите се одвиваат на делниците Тетово-Гостивар (18 километри), Гостивар-Букојчани (30 километри) и Прилеп-Битола (40 километри). За четвртата делница, Требеништа – Ќафасан (22 километри), се планира ревизија на трасата со цел да се зачува заштитениот статус на Охридското Езеро и околниот регион.
Според истиот Извештај, во моментов се работи на пет мостови, четири надвозници и два подвозници.
До крајот на јули годинава, реализирани се ископувања на 3,2 милиони метри кубни земја, а вградени се 706.500 метри кубни материјал за пополнување. Во реализација на активностите, изведувачот, заклучно со јули, ангажирал 2172 лица и 1181 градежна машина.
Од почетокот на годината, кон “Бехтел и Енка” извршени се две исплати во април, во износ од 599.794.350 денари и 524.972.228 денари, како и по една исплата во мај од 681.026.665 денари и во јуни од 830.336.364 денари. До крајот на минатата година, беа исплатени вкупно 261 милион евра.
Активностите на терен, согласно Договорот со “Бехтел и Енка” во вредност од 1,3 милијарди евра, се спроведуваат од 22 април 2023 година.