Кредитната активност во септември годинава пораснала за 1,3 отсто на месечно и за 14,1 отсто на годишно ниво, покажуваат податоците за монетарните движења на Народната банка.
Растот на кредитирањето е забележан и кај домаќинствата и кај компаниите. Кај претпријатијата кредитите пораснале за 1,3 отсто на месечно и за 15,7 отсто на годишно ниво, додека кредитите за населението се зголемиле за 1,4 отсто месечно и за 12,7 отсто годишно.
Растот на кредитирањето на домаќинствата главно се должи на зголеменото задолжување во денари. Потрошувачките кредити во септември пораснале за 1,1 отсто на месечно и за 12,4 отсто на годишно ниво, додека станбените кредити се зголемиле за 1,5 отсто месечно и за 16,1 отсто годишно.
Депозитите на компаниите пораснале за 0,4 отсто на месечно и за 8,6 отсто на годишно ниво, главно поради зголемувањето на средствата на трансакциските сметки.