Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со високи претставници на Банката на Америка, на која беа разгледани клучните економски движења, макроекономските показатели и тековните реформи во управувањето со јавните финансии.
На средбата присуствуваа Милош Старовиќ, извршен директор и раководител на продажба и структурни решенија за пазарите во развој, Олег Петров, извршен директор за Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Африка, како и Амирa Боус-Гардинер, директор за FICC Structuring.
Министерката истакна дека е од особено значење да се одржува постојана и отворена комуникација со меѓународните финансиски институции. Таа нагласи дека ваквите средби овозможуваат размена на искуства и идеи, што придонесува за заедничка работа на одржлив економски раст и отворање на нови можности за Северна Македонија.
„Континуираниот дијалог со глобалните финансиски институции е клучен за стабилноста и развојот на економијата. Нашата цел е преку соработка и размена на знаење да изградиме поотпорна економија, која ќе обезбеди просперитет за граѓаните,“ изјави Димитриеска-Кочоска.