Лебот нема да поскапи, уверува претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Горан Ѓорѓиевски.

Како што истакна на прес-конференција, цената на пченицата е стабилна, а не очекува големи флуктуации ниту во однос на суровото сончогледово масло.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со евентуалните нови владини мерки, Ѓорѓиевски нагласи дека бизнисот не се согласува со замрзнување маржи, туку за пазарно формирање на цените.

Според него, треба доследно да се применува Законот за нефер трговски практики.

Законот за нефер трговски практики стапи на сила на 28 септември, кога беше краен рок трговците да ги усогласуваат договорите за снабдување меѓу добавувачите и производителите. Во нив трошоците за рабат и други маркетинг трошоци се ограничени на 10%, а кои, според досегашната пракса изнесувале од 20% до 35%.

Казните предвидени со овој закон почнаа да се применуваат со почетокот на 2025 година. До крајот на 2024 процесот се следеше со мониторинг.

Во однос на минималната плата пак, Ѓорѓиевски потенцира дека мора да има одржлив баланс кога се работи за платите. Покачувањето на минималната плата, рече тој, влијае на зголемување на сите останати плати.

„Проблем не е бизнисот, туку администрацијата. Треба да научиме дека треба да работиме за да земаме плата. Треба да креираме ситуација на работње во општеството“, напомена претседателот на ССК.

Со последните измени, новата минимална плата во земјава изнесува 24379 денари. Синдикатите бараат таа да биде 30 000 денари.